Турција очекува преговорите меѓу САД и Иран да завршат со позитивен исход уште денеска и да овозможат брзо обновување на прекинот на огнот. Анкара истовремено се надева и на повторно отворање на Ормускиот теснец, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

На заедничката прес-конференција со сирискиот министер за надворешни работи Асад ал Шибани, Фидан порача дека Турција ќе продолжи да ги поддржува разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.

Тој оцени дека кризата во Персискиот Залив има сериозни последици и врз состојбата во Појасот Газа. Според Фидан, случувањата во Заливот го одвлекуваат вниманието на меѓународната заедница од ситуацијата во палестинската енклава.

Фидан повторно ги критикуваше израелските активности во Сирија. Тој оцени дека тие го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел.

Сирискиот министер Ал Шибани, од своја страна, изрази поддршка за итен прекин на конфликтот во Персискиот Залив и ги осуди иранските напади врз земјите во регионот.

Тој истовремено побара израелските сили да се повлечат на позициите што ги контролирале во јужна Сирија пред 8 декември 2024 година. Ал Шибани повика и на повторно спроведување на Договорот за раздвојување на силите од 1974 година.