Тридневниот карантин во Бризбејн, што почнува вечерва, е воведен откако вакви мерки во последните денови беа воведени и во Сиднеј, Перт и Дарвин.

Ова се тешки одлуки, воведовме карантин во големите градови затоа што прекуокеанските патници го носат вирусот овде, изјави премиерката на Квинсленд, Анастасија Палашчук, откако Австралија потврди нови 23 заразени лица во последните 24 часа.

Австралија се бори со ширењето на делта варијантата на вирусот, која првпат се појави во Индија.

И вакцинацијата напредува бавно. Две дози на вакцината им биле дадени на помалку од пет проценти од возрасните.

Од утринава во Перт е на сила четиридневен карантин, откако биле регистрирани тројца заразени.

Најголем фокус е ставен врз Сиднеј, каде од средината на јуни има 150 лица позитивни на Ковид-19. Карантинот во овој град ќе трае две недели.

Градот Дарвин, исто така, е ставен во карантин поради малото жариште поврзано со блискиот рудник за злато. Тоа е дом на домородно население за кое се стравува дека е поподложно на вирусот.

Нов Зеланд денеска соопшти дека од 5 јули делумно ќе ги обнови патувањата од и до Австралија, доколку дотогаш не се појават нови инфекции.

Австралискиот премиер Скот Морисон одлучи вакцинацијата да биде задолжителна за негувателите на стари лица и за вработените во хотелите во кои се престојува во време на карантин, а вакцината „АстраЗенека“ ќе им биде достапна на оние под 60 години кои ќе потпишат образец за прифаќање на ризикот од вакцинација.