Австриското обвинителство поднесе обвинение против поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц за давање на лажна изјава во парламентарна истрага во 2020 година. Судењето почнува во октомври, а доколку биде прогласен за виновен на Курц му следува затворска казна од три години.
Австриските медиуми проценуваат дека тоа ќе стави крај на неговата политичка кариера. И, секако, ќе фрли сенка врз неговата Народна партија, која е на власт од 1987 година.
Поранешниот австриски канцелар, кој во 2017 година стана најмлад шеф на влада во светот, тврди дека е невин и дека не направил ништо погрешно.
„Едвај чекам да излезе вистината на виделина и обвинувањата да бидат докажани како без основа на суд“, одговори Курц на социјалните мрежи.
Обвинението се однесува на сведочење на Курц пред парламентарна комисија во јуни 2020 година. Прашан од пратениците да ја опише својата улога во назначување на еден од неговите најблиски соработници Томаш Шмит на чело на државна компанија, Курц одговори дека бил информиран, но не бил директно вмешан.