Сообраќајна несреќа се случи утрово во населбата Аеродром на улицата „Васко Карангелески“, кај основното училиште „Љубен Лапе“ во близина на Воениот базен.

Од фотографиите, објавени на социјалните мрежи, може да се види дека еден автомобил е превртен на кров, а уште еден друг, со оштетен преден дел, стои на пешачки премин пред училиштето.

Улицата „Васко Карангелески“ неодамна беше реконструирана и проширена, а жителите од околните згради веднаш почнаа со апели и предупредувања до градските власти дека улицата не е безбедна и оти треба поинакво решение.

На социјалната мрежа Фејсбук, жител упатува апел до сите возачи, пешаци и родители да ја избегнуваат улицата „Васко Карангелески“ додека не се исправат сите неправилности.

Истиот жител и пред три дена има објава за сообраќајна несреќа на оваа улица.

„Предупредив дека оваа улица е следната црна точка и дека ќе се изнагледаме вакви ситуации. Во непосредна близина на училиште има две раскрсници без семафори. Град Скопје, тргнете ја гордоста на страна, итно направете промена во проектот и овозможете им на жителите, возачите и децата безбедно движење – пред да се случи трагедија. Не може бескорисни борчиња насадени за ваш пиар да ви се приоритет пред семафори“,се вели во објавата на Фејсбук.

Реакција за денешната сообраќајна несреќа има и од граѓанската иницијатива „На точак“ кои ја имаат објавено на нивната фејсбук-страница.

„На сликава гледаме првртен автомобил на 50 метри од основно училиште на булеварот ’Васко Карангелески’ во Аеродром. Ако возачот почитувал пропишана брзина од 50 километри на час не може вака да се преврти автомобилот. Овој булевар е пуштен во употреба пред помалку од две недели. Во две недели сведоци сме на две сериозни сообраќајни судири. Можеби има повеќе. Пред да ја прошират улицата овде можеби имало судири, но никој толку сериозен за да се преврти возило“,пишува во објавата од „На точак“.

 

Од „На точак“ велат дека за ризикот дека ќе дојде до ова биле предупредувани планерите и градоначалниците во последните 10 години.

Свесно одлучија да проектираат и одобрат ваков дизајн на улици. Знаеа дека ќе дојде до ова, но решија да го направат вака за политички поени, задоволување на нивните бизнис соработници и за развојот на автоцентричното планирање на градот. Свесно одлучија да направат булевар по кој ќе се вози пребрзо наместо да обезбедат безбедни улици околу основно училиште. Сите ја носат одговорноста што добивме ваков булевар“,додаваат од „На точак“.

Оттаму додаваат дека не е прекасно Градот да прифати дека направиле грешка, да го промени дизајнот и да спречи нови сообраќајни несреќи.