Автомобил се запали синоќа на булевар „Кочо Рацин“ во близина на ОУ „Димитар Миладинов“ и зградата на Црвен крст во центарот на Скопје.
Од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје за МИА информираа дека нивна екипа од пет пожарникари и едно противпожарно возило интервенирала околу 19 часот и пожарот бил изгаснат. Причинета е материјална штета, а информации за повредени нема.
Од МВР, пак, соопштија дека во 18:45 часот Г. Д. (28) од с.Ростуше пријавил дека на бул. „Кочо Рацин“ додека го управувал неговото возило „Даеву Ланос“ почнало да чади од хаубата и да избива пламен при што е изгорен делот кај моторот и шал таблата. Огнот е изгаснат од страна на противпожарна екипа.
Возилото што синоќа се запали е на истата локација каде што и во неделата беше опожарен еден автомобил „опел астра“. И тогаш беше предизвикана само материјална штета, без повредени лица.