Изградбата на дел од автопатот Кичево – Охрид завршува по повеќе од деценија

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, гостуваше на Сител телевизија, каде што најави дека дел од автопатот Кичево – Охрид, на кој се чека повеќе од деценија, ќе биде пуштен пред ова лето.

„Зборот стои! Има бројни проблеми, но ги решаваме. Сега ќе има законски измени што ќе ја олеснат изградбата на оваа делница, веќе во вторник на владина седница, а наскоро и во Собранието. Пред почетокот на летната сезона ќе пуштиме 40 километри“, изјави Николоски.

Оваа делница опфаќа делот од селото Врбјани до Охрид, со еден пресек кај селото Ботун, каде што има проблеми со косините.

Ексклузивна вест

Министерот објави уште една ексклузивна вест.

„Ние градиме автопат Кичево – Охрид, но во исто време се гради и автопатот ‘Бехтел и Енка’ меѓу Тетово, Гостивар и Букојчани. Она што недостасува е делницата од Букојчани до Кичево, решивме да ја изградиме и да имаме целосно автопатско поврзување меѓу Охрид, Скопје, Струга и Кичево, истакна Николоски.

Овој потег ќе обезбеди комплетен автопат помеѓу Охрид и Скопје.

Обезбедени 123 милиони евра 

За овој проект, Македонија успеа да обезбеди кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во вредност од 123 милиони евра.

„Она што мене ме радува е што успеавме од оваа сума да добиеме 20 милиони евра грант, односно подарок. Тоа е 20% од вкупната цена, што не е мала работа“, нагласи министерот.

Во текот на пролетта или летото ќе биде избран изведувач.

а според планот:

  • Делницата Тетово – Гостивар – Букојчани ќе биде завршена до крајот на 2028 година.
  • Делницата Кичево – Букојчани ќе биде изградена во истиот период.
  • Делницата Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен до крајот на 2025 година.

Делницата Букојчани – Кичево: 12,7 километри тежок терен

Министерот истакна дека оваа делница е долга 12,7 километри, но дека се работи за предизвикувачки терен со мостови, вијадукти и тунел.

„Оние што почесто патуваат знаат – оваа делница иде паралелно со железничката пруга, пред да почне искачувањето на Стража за оние што се враќаат од Охрид. Ова е најтешкиот дел инженерски, но ние се нафативме да го решиме“, објасни Николоски.

Автопатот кон Блаце: Манипулации со експропријацијата на земјиште

Министерот се осврна и на проблемите со изградбата на автопатот кон Блаце, кој треба да ја поврзе Македонија со Косово.

„Кој патува за Косово знае дека автопатот завршува во длабока дупка од 50 метри и не поврзува ништо со ништо. Дури и таму каде што почнува автопатот, тоа не е граничниот премин со Косово, бидејќи тој е малку подалеку. Причината за ова е многу едноставна – правени се сериозни манипулации со експропријации на земјиште, нагласи Николоски.

Министерот очекува Обвинителството да ја заврши истрагата, но додаде дека Владата нема да остане само на оправдувања.

„Има активен тендер за изградба, но клучно е дали ќе останеме во рамки на буџетот. Првично се планираа 178 милиони евра, но сега проценките велат дека би чинел од 240 до 300 милиони евра – што е ужасно скапо и Македонија тоа не може да го издржи, предупреди министерот.

Во меѓувреме, експертска група работи на алтернативна рута, така што градежните активности ќе почнат најдоцна до есен.

Нови автопатски и експресни патишта

Министерството за транспорт активно работи на неколку нови патни проекти:

  • Автопат од Страцин до Куманово, за целосно поврзување меѓу Скопје и границата со Бугарија.
  • Продолжување на автопатот Скопје – Штип – Кочани кон Виница и границата со Бугарија.
  • Поврзување на Коридорите 10 и 11 преку експресен пат од Смоквица преку Валандово, Струмица и Ново Село до границата со Бугарија.

„Овој пат ќе им овозможи на жителите од централна и источна Македонија подобро поврзување со Бугарија, но и алтернативна рута за движење кон Грција преку граничниот премин кај Дојран“, додаде Николоски.