Украина мора да ги исполни сите услови за членство во Европската Унија, како што се бара и од земјите од Западен Балкан, изјави премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, на неформалниот самит на ЕУ што се одржува на Кипар.

„Треба да се има ист аршин за сите. Ако земјите од Западен Балкан мораат да ги исполнат поединечните услови за влез, тогаш мора да ги исполни и Украина. Тоа е став на поголемиот број лидери – бараме исти услови за сите нови земји членки“, истакна Бабиш.

Тој се осврна и на тешките преговори за идниот буџет на ЕУ за периодот 2028–2035 година, посочувајќи дека Европската комисија предлага значително намалување на средствата за Чешка.

„Европската комисија номинално предлага приближно 20 проценти помалку пари за нас, наводно затоа што Чешка станува побогата. Не знам како заклучиле дека сме станале толку богати. Тие сакаат да ни земат околу 9 милијарди евра. Тоа е неприфатливо“, изјави Бабиш.

Тој додаде дека главната задача на неговата влада е да обезбеди Чешка да ги задржи најмалку истите средства во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија.