Амариканскиот претседател Џо Бајден повторно упати остри зборови кон рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи го „диктатор убиец“ и „чист насилник“.

Американски медиуми, вклучително и Си-Ен-Ен, ги цитираат зборовите на Бајден кажани на вчерашниот настан по повод посетата на ирскиот премиер Лео Варадкар.

На годишниот официјален ручек по повод Денот на Свети Патрик во Капитол, претседателот на САД ја коментираше воената помош за Украина, блокирана во американскиот Конгрес. Во својот говор тој изјавил дека Путин е „диктатор убиец, чист силеџија кој води неморална војна против украинскиот народ“. Истовремено, ги повикал сите присутни на настанот „да се спротивстават на Владимир Путин“.

Претходно, за време на состанокот со ирскиот вицепремиер, министер за надворешни работи и министер за одбрана, Михол Мартин, Бајден ја критикувал „бруталноста на Путин и нехуманите работи што тој и неговите војници ги прават во Украина“.

На овиe изјави на Бајден со официјална реакција реагираше Кремљ.

– Таквото изразување не е корисно за шефовите на држави. Америка тешко дека ќе може да се гордее со тоа, истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од ТАСС.

Според рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, „и оваа неприфатлива изјава целосно се совпаѓа со русофобната линија на Вашингтон и неговата неуморна желба да ги закопа билатералните врски и да и нанесе стратешки пораз на Русија“.

– Постои импотенција пред искрено слабите резултати во надворешната политика на [американската] администрација, која трпи неуспех по неуспех, напиша дипломатската мисија во име на амбасадорот на својот Телеграм канал.