– Вчерашниот разговор беше исполнет со почитување и искреност, без предавања и надменост, рече портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Двајцата државници разговараа за можностите како конкуренцијата меѓу двете најразвиени светски економии да не се претвори во конфликт, објави Белата куќа.

Како што пренесе Гласот на Америка, САД соопштија дека делата ќе покажат дали може да се прекине застојот во односите меѓу двете суперсили, кои се на најниско ниво во последните неколку години.

Белата куќа посочи дека Бајден и Си имале обемна и стратешка дискусија, вклучувајќи области каде што интересите на двете земји се совпаѓаат и се разминуваат.

Разговорот се фокусирал на економските прашања, климатските промени и глобалната пандемија на Ковид-19.

Кинеските државни медиуми објавија дека Си му рекол на Бајден дека американската политика кон Кина предизвикува, како што е наведено, сериозни тешкотии во односите меѓу двете земји.

Беше наведено дека двете страни се согласиле да одржуваат чести контакти, како и да ја зајакнат комуникацијата.