Министерството за војна на САД ќе објави околу 40 документи и три видеа поврзани со неидентификувани летачки објекти. Една од највпечатливите слики, направена на Блискиот Исток во 2020 година, покажува мал објект што свети бело во инфрацрвено зрачење и навидум поминува пред предниот дел на воен брод.

Објавувањето, исто така, го означува првото официјално признание за постоењето на таканаречениот „Десетмесечен извештај“, документ од 538 страници изработен од BAASS (Bigelow Aerospace Advanced Space Studies), изведувач на Пентагон, кој ги проучувал неидентификуваните аномални феномени на озлогласениот ранч Скинвокер во американската сојузна држава Јута.

Извештајот, доставен до Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД (DIA) во јули 2009 година, ги опишува плановите за изградба на подземен трезор со површина од околу 465 квадратни метри, со ѕидови дебели приближно 90 сантиметри. Објектот требало да се користи за складирање на егзотични материјали или биолошки ткива што компанијата сакала да ги стекне.

Во документот се наведува дека потребата за таков простор произлегла од приоритетот за лоцирање и добивање на пронајдени делови од авиони и биолошки примероци од корпоративниот свет или од приватни лица и групи на други локации, вклучувајќи го и Бразил.

Документацијата, исто така, ја вклучува и првата целосна копија од извештајот од 1953 година напишан од Кларенс Кели Џонсон, легендарниот инженер и основач на тајната единица на Локид позната како Сканк Воркс. Џонсон бил вклучен во дизајнирањето на познатите американски шпионски авиони U-2 и SR-71.

Делумни и со слаб квалитет копии од неговиот извештај циркулираат меѓу ентузијастите со децении, но ова е прв пат владата на САД да објави целосна верзија од документот.

Џонсон во документот навел дека црн, елиптичен објект лебдел неподвижен на небото западно од неговиот ранч во Агура, Калифорнија, најмалку три минути, а потоа одлетал со голема брзина и исчезнал за помалку од 90 секунди. Објектот бил забележан и од екипаж на авион на Локид кој бил во воздух во тој момент.

Меѓутоа, Џонсон не сакал извештајот да биде проследен до Воздухопловните сили на САД. Според офицерот кој на крајот го примил документот, Џонсон воопшто не сакал да го состави извештајот, а потоа одбил да го проследи на понатамошно постапување.

Џонсон сметал дека луѓето кои тврделе дека виделе летачки чинии обично не се сметаат за логични, практични и трезвени инженери, па затоа вработените во Локид решиле да поднесат сопствен извештај.

„Сега сум поубеден од кога било дека постојат такви предмети и до денес успеав да ги убедам некои многу компетентни технички луѓе во тоа верување“, напишал Џонсон во документот што се обидел да го сокрие од надлежните служби.

Армијата сепак го отфрлила неговиот извештај и го евидентирала инцидентот како леќест облак, мазен облак во облик на чинија што се формира над ридовите и планините.

Додека Воздухопловните сили ги отфрлале ваквите пријави, Централната разузнавачка агенција (ЦИА) зад затворени врати значително посериозно ги разгледувала извештаите за неидентификувани летачки објекти.

Во еден разузнавачки документ од август 1952 година се предупредува дека јавното сознание за интересот на Агенцијата за летачки чинии може да доведе до тоа прашањето да стане уште посериозно во очите на јавноста, што ЦИА и воздухопловните сили го оцениле како крајно непожелно.

Во истиот документ се наведува дека барањата за информации масовно пристигнувале до воздухопловните сили, вклучително и преку официјална истрага од Белата куќа. Во тој период Хари Труман беше претседател, а јавниот интерес порасна по серијата видувања над Вашингтон тоа лето.

Неколку месеци подоцна, стручен панел составен од ЦИА препорача американската влада јавно да ги оспори и побие извештаите за ваквите летала.

Програмата „Проект Сина книга“ на воздухопловните сили подоцна понуди објаснувања за речиси сите пријавени случаи, освен за 701 од вкупно 12.618, пред официјално да биде затворена во 1969 година.

Трамп го претстави објавувањето на документите како прекин на повеќедецениската тајност, порачувајќи им на граѓаните на платформата Truth Social дека сега можат самите да донесат сопствени заклучоци.

Меѓу материјалите се наоѓаат и цртежи направени од очевидци кои тврделе дека лично виделе неидентификувани објекти.

Извештај на американските воздухопловни сили од октомври 1957 година прикажува цилиндричен предмет покриен со шилци, виден од петмина рибари кај Мартас Вињард, од кои двајца биле воени резервисти.

Овој необичен облик се разликува од другите летала опишани во архивата, а материјалот претходно никогаш не бил доставен на увид на пошироката јавност.

За истражувачите ваквите документи претставуваат вреден материјал бидејќи содржат сведоштва од прва рака, забележани пред модерната поп-култура да влијае врз перцепцијата на луѓето.

Друг извештај од Мичиген од октомври 1957 година содржи цртеж од петнаесетгодишно момче, кое скицирало предмет во облик на чинија со прозорци и ширина од околу 37 метри, забележан во близина на нуклеарната централа Енрико Ферми.

Сведочењето било евидентирано од воен наредник за регрутирање, по што било испратено до разузнавачкиот штаб во Вашингтон и до одделот што ја водел програмата „Сина книга“.

Самиот Џонсон исто така нацртал скица од објектот што го посведочил на 16 декември 1953 година, а приложил и приказ на светло син сјај што го забележал заедно со својата сопруга две години претходно.

Милијардерот Роберт Бигелоу го купил имотот од 450 хектари во Јута во 1996 година за 200.000 долари, откако претходните сопственици алармирале за невообичаени појави, повреди на добиток и неразјаснети светла.

Книга од 2005 година го привлече вниманието на воениот разузнавач Џејмс Лакатски, кој допатувал на ранчот со приватниот авион на Бигелоу две години подоцна.

Лакатски тврдел дека во внатрешноста на кујната видел лебдечки метален предмет со специфична форма што потсетувала на свиткана цевка.

Тогашниот лидер на мнозинството во Сенатот, Хари Рид, во партнерство со сенаторите Тед Стивенс и Даниел Инује, обезбеди државно финансирање за специјалната програма на Пентагон.

Компанијата BAASS се јави како единствен понудувач и го доби договорот за реализација во 2008 година.

Овој проект, со буџет од приближно 22 милиони долари, се водеше целосно тајно сè до објавувањето на првите детали во 2017 година.

Извештајот го квалификува ранчот како теренска лабораторија за анализа на интеракцијата меѓу човечката свест и напредната авионска технологија.

Во периодот меѓу 30 јуни и 2 јули 2009 година, тројца воени набљудувачи од копнените, поморските и маринските сили престојувале на ранчот во придружба на претставник на фирмата.

Уште првата вечер набљудувачите пријавиле неочекуван пад на температурата, телесни сензации и забележале темна хуманоидна силуета во близина на стариот објект, оценувајќи го чувството на вознемиреност со висока оценка.

Следниот ден, на локацијата каде што претходно била регистрирана светлина, биле пронајдени отпушоци од цигари од две различни марки и празна амбалажа од пијалоци, што упатувало на движење на други лица.

Во документите исто така се тврди дека одредени лица имале пристап до доверливи сознанија што ги поседува американската администрација за физички остатоци од летала и биолошки примероци.

BAASS побара највисок степен на владина класификација за специјален пристап за овие активности, но Сенатот и Пентагон не го одобрија таквото барање во летото 2009 година.

Американските власти досега немаат пронајдено евиденција дека планираниот подземен простор бил навистина изграден, ниту пак поседуваат потврда за физички материјали од таква природа.

Официјалните претставници и понатаму ги разгледуваат податоците од оваа истражувачка програма која беше завршена пред повеќе од една деценија.

Делови од материјалите се појавија во јавноста претходно, но државните институции до овој момент немаа официјално потврдено поврзаност со проектот.

Ова е осмиот пакет архивски материјали што Министерството за одбрана ги презентира откако ја отвори базата на податоци, надминувајќи бројка од 500 достапни документи.

Надлежните служби истовремено презентираа и видеоматеријали за неразјаснети случаи, упатувајќи повик до стручната јавност да помогне во анализата на нерешените појави.

Во наредниот период се планира дополнително објавување на содржини, со оглед на тоа што голем дел од државните архиви сè уште се наоѓаат во хартиена форма.