Забелешките на Бајден во Белата куќа во четвртокот уследија откако тој и потпретседателката Камала Харис се состанаа со водачите на националната безбедност за ажурирање на повлекувањето на америкаснките трупи од Авганистан.
Во вторникот, американската армија објави дека процесот на повлекување е завршен повеќе од 90 отсто. Официјални лица изјавија дека целиот процес се очекува да заврши до крајот на август. Исто така, војниците на НАТО го следат примерот и повеќето од нив веќе ја напуштија земјата.
Прес секретарката на Белата куќа Џен Псаки за новинарите во средата изјави дека САД ги поддржуваат дипломатските преговори за решавање на конфликтот во Авганистан и дека по военото повлекување имаат намера да имаат дипломатско и хуманитарно присуство во земјата.
-Една од причините што претседателот ја донесе одлуката е затоа што не чувствува дека има воено решение за 20-годишна војна, рече Псаки.
Талибанските борци остварија брз територијален напредок низ Авганистан од 1-ви мај, кога САД и сојузниците на НАТО официјално започнаа да ги повлекуваат своите трупи од земјата.
Властите во Авганистан соопштија дека провладините сили во средата ги потиснале талибанските бунтовници од делови на северозападниот град и ја повратиле контролата над официјалните згради по повеќечасовни жестоки судири.
Излегувањето на странските трупи е резултат на мировниот договор што го преговараше Вашингтон со талибанците во февруари 2020-та година под тогашното водство на претседателот Доналд Трамп.