Новите мерки, објавени од Бајден во говорот од Белата куќа, ќе се однесуваат на околу две третини од сите вработени во САД.

„Бевме трпеливи. Но, нашето трпение е при крај, а вашето одбивање да се вакцинирате многу нè чинеше нас останатите“, рече Бајден, обраќајќи им се на милиони Американци кои одбиваат да се вакцинираат.

Тоа е убедливо најостриот пристап и се најсеопфатни мерки што Бајден ги презеде за да ги принуди Американците да се вакцинираат, поради зголемувањето на бројот на случаи на зараза поради ширењето на позаразната, делта варијанта на коронавирусот.

Ескалацијата на епидемијата не е само закана за САД, туку и за популарноста на Бајден, кој вети дека ќе го стави вирусот под контрола и претходно оваа година рече дека земјата е „поблиску од кога било до моментот кога ќе може да каже дека вирусот е поразен“.

И покрај кампањата за вакцинација спроведена од администрацијата на Бајден, само нешто повеќе од 53 проценти од Американците се целосно вакцинирани, според податоците на ЦДЦ. Според планот на Бајден, новите мерки би влијаеле на околу 100 милиони вработени, што е околу две третини од вкупниот број вработени во САД. Новите мерки веќе наидоа на критики од републиканците во Конгресот, кои се закануваат со тужби. Според Ројтерс, може да поминат месеци пред новите мерки да имаат некаков ефект.

Претходно, на федералните вработени им беше дозволено да избираат помеѓу вакцинација и редовно тестирање, а според новите правила, тие мора да се вакцинираат во рок од 75 дена, или им се заканува раскинување на договорот, освен ако не припаѓаат на една од групите што не треба да се вакцинираат.

Бајден најави и построги казни за секој што ќе одбие да носи маска во јавниот превоз. Американската агенција за безбедност на транспорт (ТСА) објави дека новите казни ќе изнесуваат помеѓу 500 и 1.000 долари за оние што се фатени без маска за прв пат, а за оние кои ќе го повторат прекршокот, казната ќе изнесува помеѓу 1.000 и 3.000 долари.

„ТСА ги удвои казните за сите патници кои одбиваат да носат маска. Ако ги кршите правилата, бидете подготвени да платите. И, патем, може да покажете малку почит“, рече Бајден.