Клучен комитет на Претставничкиот дом на САД ги усвои предлозите за зголемување на даноците за компаниите и богатите со кои се смета дека ќе помогнат во финансирањето на буџетскиот план на претседателот Џо Бајден од 3,5 билиони долари.
Комитетот на Претставничкиот дом, кој е надлежен за разгледување на буџетот и во кој пратениците на демократите имаат мнозинство, ги одобри деловите од нацрт-буџетските закони што се однесуваат на даноците.
Ова вклучува зголемување на највисоката стапка на данок на доход од 37 на 39,6 проценти и највисока стапка на данок на добивка од 21 на 26,5 проценти.
Според планот, стапката на данок на капитална добивка ќе се зголеми од 20 на 25 проценти за Американците со оданочен приход над 400 000 американски долари, со додаток од 3 проценти за приход поголем од 5 милиони американски долари.
Мислењето на комитетот е препорака до лидерите на Претставничкиот дом и Сенатот, додека во наредните недели тие ќе работат на конечните верзии на законите за даноци.
Демократите, кои имаат за цел да ги донесат законите без поддршка од републиканските пратеници, не можат да си дозволат да загубат повеќе од три гласа во Претставничкиот дом и ниту еден во Сенатот.
Зголемувањето на даноците е очекувано, имајќи предвид дека за време на кризата со коронавирусот, владите на Доналд Трамп и Џо Бајден одобрија огромни фискални стимулации за да им помогнат на граѓаните да ја надминат кризата и да го поттикнат економското закрепнување.