Гушкањето, бакнежите и заедничките оброци влијаат на дигестивниот систем

Живеењето со партнер не само што ги засилува емоционалните врски, туку може да има и позитивно влијание врз физичкото здравје, особено врз цревата. Според докторката за здравје на цревата и психолог Наоми Мидлтон, секојдневните моменти на блискост играат значајна улога во одржувањето на здравата цревна микрофлора.

„Луѓето со кои живеете не го делат само вашиот простор, туку ги делат и вашите микроби, вашиот ритам, па дури и здравјето на вашите црева. Цревната микрофлора е многу чувствителна на заеднички средини и блиски општествени врски, особено со оние со кои поминуваме значителен дел од времето. Оваа зголемена разновидност поради блискиот контакт може да помогне и во намалување на воспалението на цревата поврзано со стресот, нудејќи дополнителни долгорочни здравствени придобивки“, објаснува Мидлтон.

Студијата, во која учествувале 2.000 возрасни лица, покажала дека кај оние што живеат со партнер, 40 проценти пријавиле зголемено чувство на блискост. Дел од испитаниците посочиле дека им се подобрило расположението и квалитетот на сонот.

Бакнежите и заедничките оброци како поддршка на цревниот микробиом

Мидлтон потенцира дека бакнежот игра посебна улога во поддршката на цревниот микробиом.

„Само еден бакнеж од 10 секунди може да пренесе приближно 80 милиони бактерии меѓу партнерите. Овој процес создава заеднички орален микробиом, кој може да влијае на цревните екосистеми и да го зајакне имунолошкиот систем“, вели таа.

Исто така, редовното вечерање заедно помага во усогласување на дигестивните обрасци и поттикнување на здрав метаболизам.

„Блискиот контакт е витален дел од здравите врски, помагајќи им на паровите да се чувствуваат емоционално поврзани, поддржани и безбедни. Иако емоционалните придобивки од наклонетоста се добро познати, постојат сè повеќе докази дека физичката блискост може да го поддржи физичкото здравје на помалку очигледни начини“, додава раководителката на студијата, Холи Нил.

Малите гестови носат големи придобивки

Наоми Мидлтон нагласува дека дури и едноставни моменти на нежност, како гушкање, бакнежи и споделување оброци, значително влијаат врз намалувањето на стресот, рамнотежата на бактериите во цревата и целокупното здравје.

„Споделувањето на секојдневни моменти на љубов може да помогне во намалување на стресот, да ја поддржи благосостојбата и да влијае врз рамнотежата на бактериите што ги носиме. Малите, секојдневни гестови можат да имаат значително влијание и врз задоволството во врската и врз целокупното здравје“, заклучува таа.