Претседателите и на Летонија и на Литванија ја искористија денешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Вилнус за да повикаат на посилно воено присуство на НАТО во балтичките земји со оглед на руската инвазија врз Украина.
Во контекст на самитот на НАТО во Мадрид на крајот на јуни на кој треба да се одлучи дали бројот на војниците на источното крило на Алијансата треба дополнително да се зголеми со оглед на променетата безбедносна ситуација во Европа, и литванскиот претседател Гитанас Науседа и летонскиот претседател Егилс Левитс побараа од воената алијанса да распореди повеќе војници во регионот.
– Самитот на НАТО во Мадрид мора да биде самит на одлуки, изјави Науседа за ДПА пред еднодневната посета на Шолц, додавајќи дека Литванија се надева дека ќе постигне договор со своите сојузници на самитот за „преминување од одвраќање во напредна одбрана, од баталјон во бригада, од воздушна полиција до воздушна одбрана“.
Левитс рече дека исто така се надева оти посетата на Шолц ќе донесе „конкретни предлози“ за зајакнување на одбраната на источното крило на НАТО.
Шолц би требало да разговара со Науседа и премиерите на сите три балтички држави за време на посетата на главниот град на Литванија, при што прашањето за безбедноста на источното крило на НАТО во светло на руската војна во Украина ќе биде на врвот на дневниот ред, се наведува во соопштение од кабинетот на германскиот канцелар.
Потоа Шолц планира да ги посети војниците на Бундесверот стационирани во литванската воена база во Рукла, каде што германската армија ја предводи борбената група на НАТО.