БЕГ ниту денеска не одговори дали предлогот на Владата за помош од 6 милиони евра ќе биде доволен да се покријат високите трошоци кои ги има компанијата за набавка на природен гас и ќе ги спасат граѓаните од ценовен шок.

Министерот за економија и РКЕ вчера предложија од државната каса во БЕГ да се префрлат 5 милиони евра, а Град Скопје и сите општини да учествуваат со уште 1 милион евра за скопјани повторно да имаат топли радијатори.

Од Град Скопје официјален став нема за оваа понуда, но од советничката група на ВМРО ДПМНЕ денеска велат дека градската каса е во минус и Градот нема пари да помогне.

Додека надлежните преговараат, граѓаните стравуваат дали радијаторите конечно ќе им бидат топли во пресрет на минусните температури. Експертската јавност аламира проблемот да се реши час поскоро. Универзитетскиот прфесор Ристо Цицонков за Канал 5 вели дека единствен начин да се реши кризата е државата да ги субвенционира фирмите за товарот да не падне на грбот на граѓаните.

-Само со 14% БЕГ ќе банкротира многу брзо, не можат да поднесат со таа цена, тука мора да искочи Владата, да ја покрие таа разлика во цена. А, Градот велат дека има празна каса, ако можат добро, ако не можат нека се снаоѓаат на друг начин, но БЕГ не можат да издржат со 14% покачување на цената, изјави Проф. д-р Ристо Цицонков, Машински факултет.

Парното поскапе од 1ви јануари за 14%, а од Регулаторна уште тогаш кажаа дека фирмите гас имаат за до крајот на неделава.