Белата куќа соопшти дека нема индикации за вонземски активности поврзани со соборувањето на серија неидентификувани летечки објекти над Северна Америка.

-Знам дека има прашања и загриженост за ова. Сепак, повторувам, нема индикации за вонземјани или вонземски активности во врска со тие несреќи, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Во неделата, генерал на американските воздухопловни сили изјави дека се уште не ја исклучува можноста објектот да е од вонземско потекло или какво било друго објаснување, цитирајќи американски разузнавачки експерти.

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека четири од соборените летала во последните денови, вклучително и оној што падна над канадскиот Јукон во саботата, биле на некој начин поврзани, но не наведе детали.

Американскиот претседател Џо Бајден во неделата нареди уривање на уште еден објект, четврти овој месец. Леталото патувало на височина од 6.100 метри и можело да го загрози комерцијалниот воздушен сообраќај. Воздухопловните сили на САД соборија три објекти кои летаа над Алјаска, Канада и сојузната држава Мичиген во петок, сабота и недела.

Официјални лица рекоа дека објектот што се урна во неделата над езерото Хјурон бил во октогонална форма. Истиот е елиминиран со проектил од борбен авион Ф-16.

Армиите на САД и Канада го засилија надгледувањето на воздушниот простор откако наводниот кинески шпионски балон навлезе во нивните територии на почетокот на февруари.

Поради влегувањето на балонот, за кој Вашингтон вели дека „шпионира“ во американскиот воздушен простор, врските меѓу двете велесили дополнително се заострија, а државниот секретар Антони Блинкен во последен момент ја откажа планираната посета на Кина.

По првиот инцидент, други летечки објекти беа забележани над Канада и САД, кои подоцна беа соборени.