Поранешниот албански претседател, експремиер и лидер на побројното крило на опозициската Демократската партија Сали Бериша, тврди дека премиерот Еди Рама и неговиот претставник Доријан Дучка се под истрага на ФБИ.
– Преку социјалните мрежи, осврнувајќи се на вестите на Инсајдер за поранешниот висок функционер на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, кој под истрага за врски со Русија, Бериша вели дека неговата приватна врска во Албанија е Еди Рама и дека големата порота побарала да се достават сите записи што документирале какви било лични комуникации преку пораки на мобилен телефон, пораки по електронска пошта, шифрирани пораки на апликации за мобилни телефони, гласовни пораки, писма или белешки помеѓу Мекгиногал и други, вклучително и премиерот Еди Рама, објави Ора њуз.
Според Бериша, големата порота побарала да се истражи секое негово патување во Албанија, како и исплати или подароци добиени од претставникот на Рама, Доријан Дучка, Агрон Неза или кое било лице поврзано со Владата на Албанија.
Претходно американските медиуми објавија дека поранешниот висок функционер на Федералното биро за истраги (ФБИ), бил под истрага под сомнение за врски со Русија и други странски влади, меѓу кои и онаа на Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора.
Во написот, според Ора њуз, се наведува дека тој е голем пријател на албанскиот премиер Еди Рама.