Русија ќе напаѓа воени објекти на земји што учествуваат во конфликтот –Захарова најави „решителен одговор“ на понатамошна ескалација

Русија ќе напаѓа воени објекти на сите држави чие оружје Украина го користи за удари на руска територија, порача портпаролката на руското МНР Марија Захарова. Таа на брифинг во четвртокот изјави дека Москва го задржува правото на реципрочна воена акција доколку дојде до натамошна ескалација на конфликтот.

– Русија смета дека има право да го користи своето оружје против воените објекти на оние земји што дозволуваат нивното оружје да се користи против Русија – изјави Захарова.

Таа предупреди дека рускиот одговор ќе биде решителен и со ист ефект, додавајќи дека ставот на Москва е одамна јавно изнесен од претседателот Владимир Путин.

– Да потсетиме дека во ноември 2024 година, рускиот претседател Владимир Путин јасно го искажа ставот на Русија за одлуката на западните земји да дадат зелено светло за употреба на нивните системи за удар со долг дострел длабоко во руска територија. Овој став ќе остане непроменет. Русија смета дека има право да го користи своето оружје против воените објекти на оние земји што дозволуваат употреба на нивното оружје против Русија, а во случај на понатамошна ескалација на конфликтот, ние ќе одговориме решително и со ист ефект – рече Захарова.

Берлин ќе сноси одговорност ако се користат ракети „Таурус“

Доколку Украина ги употреби германските ракети „Таурус“ против Русија, германската војска ќе се смета за директно вклучена во воените операции – тврди Захарова.

– Всушност, германскиот воен персонал ќе биде директно вклучен во планирањето и во спроведувањето на воени операции против нашата земја доколку се користат „Таурус“ или нивните модификации под други имиња – рече Захарова.

Таа додаде дека Русија ќе утврди потеклото на секое оружје што ќе биде соборено, и оти „Западот нема да може да ги скрие своите траги“, бидејќи остануваат јасни технички податоци за изворот на производството.

– Веќе предупредивме за последиците – заклучи Захарова.

Москва реагира на изјавите од Берлин и Лондон

Захарова нагласи дека употребата на германските ракети од украинска страна ќе биде разбрана како директно учество на Германија во борбите. Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц вети дека Украина наскоро ќе добие оружје со долг дострел од германско-британско производство.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека Европа усвојува милитаристички курс, и оти Русија тоа ќе го земе предвид во сите идни безбедносни планови.