-Беше пример и за другите осуденици. Замина денеска околу 9 часот и 30 минути. Го почитуваше куќниот ред, им помагаше и на останатите во работните ангажмани внатре во затворот, во средувањето на паркот, изјавил директорот на затворот Струга Ваљон Ќура за медиумот и додал дека е шпекулација и невистина тврдењето дека Мијалков воопшто не ни бил во затворот.
Директорот тврди дека заклучно со вчера Мијалков го извршувал својот работен ангажман како возач за потребите на затворот.
-До вчера работеше. Возилото го управуваше за наши потреби, низ Струга и Охрид, кажал Ќура.
Условот за слободата на Мијалков е до 25 април 2025 година да не стори кривично дело. Тој беше обвинет за злосторничко здружување и за противправно стекнување и прикривање имот. Имотот според Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција предводено тогаш од обвинителката Вилма Русковска му бил проценет на 30 милиони евра, но подоцна таа вредност беше преполовена со друга проценка.