Пониските цени на горивата во Македонија во споредба со дел од соседните држави привлекуваат сè поголем број странски возачи, што директно влијае врз зголемувањето на вкупната потрошувачка на нафтени деривати во земјата. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, забележителен раст на побарувачката е регистриран кај дизелот и бензините, што не произлегува само од потребите на домашниот пазар.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, посочи дека институцијата не располага со механизам за точно раздвојување на домашната од транзитната односно пограничната потрошувачка, но статистичките параметри недвосмислено потврдуваат силен нагорен тренд.
„Не можеме да направиме раздвојување што значи домашна потрошувачка и да кажеме – ова е извезена потрошувачка. Меѓутоа, имаме параметри дека многу е зголемена потрошувачката на гориво“, посочи Ристов.
Значаен дел од зголемениот промет се должи токму на жителите од соседните земји кои специјално доаѓаат да точат гориво на домашните бензински пумпи заради значителната разлика во цените.
„Не е тоа последица на домашното трошење, туку баш она на пограничното трошење“, нагласи Ристов.
Како важен фактор за зголемениот промет се наведува и летниот транзит на патници низ македонските патни коридори. Возачите кои минуваат низ државата редовно ги полнат своите резервоари тука, користејќи ги поповолните цени во однос на оние во Србија, Грција и останатите околни држави.
Ваквото движење носи и директна финансиска корист за државната каса преку наплатата на даноците и акцизите. И покрај претходните намалувања на даночните давачки, надлежните очекуваат значителни буџетски приливи до крајот на тековната година.
„Од секој литар нафтен дериват, од 25 до 35 денари е бенефитот за државата, односно за полнење на буџетот. Доколку имате поголема потрошувачка, имате повеќе приходи“, подвлече Ристов.
