Доколку финансиите се крвотокот на економијата, тогаш инфраструктурата е р’бетот на економскиот развој – таа го подобрува пристапот до услугите, креира нови работни места и ја поттикнува економската активност.
Изминатата недела започна најголемата градежна офанзива во поновата историја на нашата држава, изградбата на четирите автопати долж Коридорот VIII и Коридорот X-d. Како што и претходно пишував, изградбата на четирите делници нов модерен автопат од шест ленти, поточно 110 километри нова, модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа, на потезите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола, е од исклучително економско и геополитичко значење, како за нас, така и за регионот. Вкупната инвестиција во овие автопати е 1,3 милијарди евра, којашто заедно со поврзаните инвестиции ќе достигне ниво од 10% од нашиот БДП. Изградбата на Коридорите VIII и X-d се очекува да донесе значајни финансиски и економски придобивки за државата, стопанството и населението. Севкупно гледано, оваа инвестиција ќе има директен позитивен ефект врз реалниот сектор на државата.
Автопатите на Коридорите VIII и X-d со економски ефект годишно над 2% од номиналниот БДП
Да зборуваме со бројки! Директниот ефект од изградбата на Коридорите VIII и X-d врз номиналниот бруто домашен производ на државата се проценува на дополнителни 2% годишно, за време на реализацијата на проектот. Инвестициите по основ на овие проекти на годишна основа, во периодот од 2023 до 2027 година, се движат од 240 до 320 милиони евра годишно.
И домашните фирми и граѓаните ќе имаат финансиски придобивки од изградбата на автопатите на Коридорите VIII и X-d. Околу 50% од градежните работи на овие патишта ќе бидат реализирани од страна на домашните претпријатија, кои би заработиле околу 700 милиони евра по овој основ. Дополнителен ефект врз стопанството ќе има и растот на побарувачката кај одредени индустрии кои ќе бидат поддршка на изградбата, како производство на градежни материјали, земјоделство, храна и прехранбени продукти, транспорт и складирање и други услужни дејности.
Придобивки ќе има и за населението. Една од најважните придобивки се новите работни места. Ангажирањето на домашни подизведувачи и домашна работна сила ќе влијае позитивно врз пазарот на труд во државата и намалување на стапката на невработеност. Проценките покажуваат дека за изградба на автопатите директно ќе бидат ангажирани околу 3.000 работници од градежната индустрија, како и над 5.000 работници индиректно од останатите индустрии. Тоа се вкупно околу 8.000 работни места вкупен ефект од четирите нови автопати на Коридорите VIII и X-d.
Исто така, населението ќе има финансиски придобивки од експропријацијата на земјиштето, за што се предвидуваат околу 210 милиони евра. Овие средства ќе им бидат исплатени на граѓаните чие земјиште ќе биде предмет на експропријација, а воедно ќе придонесат кон зголемување на потрошувачката моќ на овие граѓани.
Земајќи ги во предвид економските и финансиските придобивки за стопанството и населението, инвестицискиот мултипликатор и севкупниот ефект на овој проект врз растот на бруто домашниот производ, се проценува повеќе од 2% од номиналниот БДП годишно.
Изградбата на четирите нови автопати носи дополнително економски придобивки кои не можат да се квантифицираат. Со изградбата на делниците ќе се подобри транспортот, што ќе резултира со намалување на трошоците за транспорт и оперативните трошоци за возилата. Безбеденоста на транспортот, исто така, ќе биде подобрена. Сето ова ќе придонесе за полесно патување и отворање на нови бизниси во регионот, со што ќе се зголемат и регионалните можности за нови вработувања. Побрзото поврзување ќе има придобивка во делот на регионално планирање на просторот и ќе ја зголеми вредноста на земјиштето. Изградбата на автопатите ќе има и позитивно влијание врз развојот на туризмот, на регионот и на зголемена трговска размена.
Економска теорија: Мултипликативниот ефект на инвестициите во инфраструктурата
Постојат емпириски докази дека инвестициите во инфраструктурата го стимулираат растот на бруто домашниот производ, повеќе во однос на други фискални расходи. Во економската теорија, идејата за примена на инфраструктурните инвестиции како економски стимул постои уште од кејнзијанската школа. Во кејнзијанската теорија, високата стапка на невработеност и негативниот економски резултат во време на рецесија, се припишуваат на намалената агрегатна побарувачка. Потрошувачите трошат помалку, фирмите продаваат и заработуваат помалку, оттаму се кратат трошоците и отпуштаат работници, што влијае на вкупната куповната моќ и побарувачката и придонесува кон продолжување на негативниот циклус. Според оваа теорија едно од решенијата е намалената побарувачка од страна на приватниот сектор владите да ја надоместат преку раст на јавната потрошувачка. Иако, ова буквално би значело секаков вид јавна потрошувачка која би го затворила производниот јаз во економијата, самиот Кејнз посочува дека потрошувачката треба да има мултипликативен ефект, или секоја потрошена пара од владата треба да стимулира дополнителна потрошувачка во приватниот сектор. На пример, владата ангажира градежни фирми да изградат патишта кои за таа намена вработуваат и плаќаат градежни работници; градежните работници платата ја трошат за своите животни потреби купувајќи производи и услуги што стимулира отворање на нови работни места во други производствени и услужни дејности.
Ендогената теорија за економски раст вели дека владите може да го забрзаат економскиот раст преку политики за стимулирање на конкурентноста и иновативноста. Согласно оваа економска теорија, капиталните инвестиции во образованието, здравството и телекомуникациите носат додадена вредност во економијата.
Теоријата на понудата, или макроекономскиот концепт кој вели дека економскиот раст се заснова на зголемувањето на понудата на стоки и услуги, исто така ги третира инвестициите во ифраструктурата, особено транспортот. Согласно оваа доктрина, унапредувањето на транспортот би придонело кон подобрување на факторите за ефикасност и продуктивност на производството, преку пониски производствени трошоци за фирмите и поголема мобилност на трудот.
Инвестициите во инфраструктурата се погодни бидејќи отвораат различни профили на работни места, од високо до ниско квалификувани (пример: градежни инжењери, архитекти и градежни работници). Скоро сите крупни инфраструктурни проекти траат по неколку години, за кој период се обезбедуваат сигурни работни места. Работниците на овие проекти ја подигаат локалната економија преку потрошувачката, додека по завршување на проектот за населението останува инфраструктурата која обезбедува јавна услуга, го олеснува животот или ја подобрува продуктивноста на населението. Така, кон крајот на 2021 година, кога се чуствуваа последиците на енергетската криза, претседателот на САД, Бајден го потпиша Законот за инвестиции во инфраструктурата и нови работни места, вреден 1,2 трилиони долари, а насочен кон обнова на патишта, мостови, водоводи, обновливи извори на енергија, широкопојасен интернет и друга инфраструктура.
Јавните како двигател на приватните инвестиции
Во контекст на мултипликативниот ефект и инвестициите во инфраструктурата, има уште еден аспект кој треба да се земе предвид, а тоа е стимулирањето на инвестициите од приватниот сектор. Добар пример за тоа е „Јункеровиот план“, каде „едно евро мобилизира 15“. Имено, поранешниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер во 2014 година, со цел да ја раздвижи економската активност во ЕУ по рецесијата предизвикана од Светската финансиска криза, како и подобрување на инфраструктурата во ЕУ-земјите, го претстави „Инфраструктурниот инвестициски план на ЕУ“ или попознат како „Јункеров план“. Вкупната вредност на овој план изнесуваше 335 милијарди инвестиции во инфраструктура. Специфичноста на овој план е во тоа што беше креиран фонд, кој мобилизираше повеќе средства од јавни и приватни извори за финансирање на проекти од клучно економско значење, како транспортна и енергетска инфраструктура, енергетска ефикасност, широкопојасно поврзување итн. Европскиот Фонд за стратешки инвестиции (European Fund for Strategic Investment – EFSE) имаше мултипликативен ефект на инвестициите во сразмер 1:15, така што средствата од фондот мобилизираа 15 пати повисоки инвестиции.
План за забрзување на економскиот раст – развојни фондови и инструменти
На истите премиси е базиран владиниот План за забрзување на економскиот раст, чија цел е најоптималната употреба на ресурсите и забрзување на растот на среден рок. Овој план е сеопфатна рамка за забрзување на растот и финансирање на истиот, кој се заснива на: 1. Раст на инвестициите – раст на јавните инвестиции и мобилизирање на два пати повеќе инвестиции од приватниот сектор со вкупен ефект од 12 милијарди евра во следните неколку години; 2. Забрзување на економскиот раст, удвојување на традиционалниот раст на посакуваните годишни стапки од околу 5% и 3. Фискална консолидација – помал долг, како резултат на помал јаз помеѓу приходите и расходите. Дополнително, кон овие цели е поттикнувањето на побрза реализација на инвестициите преку низа механизами (вклучително и КАПЕФ механизмот), кои ќе го подигнат просекот од 2011-2019 година од 72% за најмалку 10 процентни поени. Преку инвестициите ќе се поддржат јавни проекти, јавно-приватни партнерства и институционални реформи во областите на зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, човечки капитал, физичка инфраструктура и социјална кохезија. Извори на финансирање, покрај државниот буџет, се и ќе бидат меѓународните финансиски институции, приватни инвеститори и банки и развојни партнери.
Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Во план се јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Еден пример е Фондот за поддршка на извозни компании преку поволни кредитни продукти. Преку формирање на Фонд за инвестиции, би се поддржале покрупни проекти, образовни проекти како изградба на градинки, училишта, спортски сали и сл., при што при избор на компании кои би биле вклучени во целиот процес би се дала предност на мали и средни компании. Фонд за зголемување на финансиски средства (Fund of Funds). Би бил начин за финансирање на растечки-фокусирани бизниси, како мали и средни компании во развој и експанзија со седиште во РСМ. Стратешки инвестициски фонд би бил наменет за финансирање на инфраструктурата и инвестициите. Овој фонд ќе ја обезбеди потребната финансиска поддршка за покривање на обемната инфраструктура и агенда на инвестиции во слободните – економски и индустриски зони. За воспоставување на дел од овие фондови, можно е да се користат веќе воспоставените институционални капацитети, како Фондот за иновации и технолошки развој, Развојната банка и Технолошко индустриската развојна зона. Покрај фондовите, начин за мобилизација на средства е и краудфандингот (crowdfunding – групно финансирање).
Порај фондовите, за генерирање на средства ќе се користат и хартиите од вредност издавани од државата, за кои повеќе пати имам пишувано. Новите инструменти за финансирање на развојот се зелените обврзници, развојните и проектните обврзници, граѓанските развојни обврзници и развојните обврзници наменети за дијаспората. Тие ќе обезбедат каитал за развојни проекти, како и можност за дополнителни грантови од Европската комисија и други развојни меѓународни институции.
Седум милијарди евра тековно инвестициско портфолио на среден рок
Поконкретно за инвестициите. И покрај кризата, годинава продолжуваме со заложбата за зголемување на инвестициите во трајните вредности кои ќе придонесат кон економски раст и развој. Капиталните инвестиции од буџетот годинава се околу 800 милиони евра, или за скоро половина повеќе во однос на претходната година. Нивното финансирање е преку буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Портфолиото на јавни проекти во соработка со меѓународните финансиски институции во следниот период од седум години се проценува на околу седум милијарди евра (дополнително на ова се и проекти финансирани од буџетот).
Во однос на патната инфраструктура, покрај четирите нови автопати, ќе продолжи изградбата на делницата Ранковце – Крива Паланка, како и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и на западниот дел од патниот Коридор 8, Кичево-Букојчани и Кичево-Охрид. Исто така, предвидени се средства за изградба на автопатската делница Скопје – Блаце. Дополнително преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се изработи урбанистички и основен проект за поврзување на Тетово со Призрен, Р. Косово. За инвестиции во патната инфраструтура предвидени се околу 250 милиони евра годинава.
Во однос на железничката инфраструктура, во 2023 година е предвидено да заврши реконструкцијата на Коридорот X, со поддршка на ЕБОР. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување и ќе се осигури поефикасен и посигурен сообраќај. Предвидени се и средства за изградба и рехабилитација на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, односно Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Како што беше најавено неделава од страна на Железници-Инфраструктура, ќе се распише и тендер за последниот потег на пругата до Бугарија. Среднорочно, потврдено е и финансирањето на железничката пруга Кичево – Лин (Албанија) од страна на ЕБОР и ЕИБ. За годинава за овие активности се предвидени околу 39 милиони евра.
Во делот на енергетиката ќе продолжи и изградбата на гасоводната мрежа и интерконекторот со Грција, како и заокружување на гасоводниот преносен систем на ниво на цела држава на среден рок. Исто така се предвидени инвестиции во обновливи извори на енергија, соларна енергија и ветерна енергија, при што во тек е меѓународен тендер за изградба на хидроцентралата Чебрен преку ЈПП. Ќе продолжи и проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините. Со ова ќе се обезбеди енергетска транзиција кон чиста енергија и зголемување на енергетската независност на земјата.
Кај комуналната инфраструктура и управување со отпад ќе се продолжи со интензивираната динамика на изградба на водоводни и канализациски системи во општините финансирани од сопствени извори и средства од ЕИБ. Исто така, предвидени се средства за Регионалниот проект за управување со цврст отпад со поддршка од ЕБОР, со кој е предвидено воспоставување на регионални системи за управување на отпад во Југозападниот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Со средства од ЕИБ и ЕБОР предвидено е да се финансира и еден од најголемите проекти во земјава од областа на животната средина – Пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Преку ИПА средствата ќе продолжи и рехабилитација и надградба на пречистителните станици во Кичево, Битола и Тетово.
Во текот на годината ќе продолжи и да се реализира повеќегодишниот успешен проект за поддршка на подобрување на општиниските услуги преку спорведување на капитални проекти, чија единица за реализација функционира во рамки на Министерството за финансии.
За здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема, меѓу кои и реконструкција на општа болница во Кичево.
Во областа на образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура. Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови и пренамена на веќе постоечки објекти за предучилишни институции, во 2023 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги.
Предвидени се и значителни капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
Да ја донесеме Европа дома, во процесот на интеграцијата во ЕУ, е концептот според кој треба да дејствуваме. Овој концепт ќе придонесе кон унапредување на животниот стандард на нашите граѓани и реализација на нашите стратегиски цели во поглед на евроатланските интеграции. Се погоре напишано е во функција на оваа заложба, односно преку СМАРТ стратегии, побрзо да се реализираат зацртаните цели. Инвестициите во инфраструктурата, секако се дел од паметното управување, бидејќи инвестициите во инфраструктурата имаат мултипликативен ефект за економијата и многукратни придобивки за граѓаните и општеството.