Милион евра се очекува да изнесува негативната финансиска импликација врз буџетот со владината одлука за намалување на увозните давачки на одредени видови овошје и зеленчук, но со неа, според министерот за финансии Фатмир Бесими, значително ќе се влијае на цените на овие производи.
Одговарајќи на новинарско прашање колкави негативни ефекти врз буџетот има укинувањето на овие давачки, Бесими утре изјави дека клучно било намалувањето на цените, а не буџетските финансиски импликации.
– Главната цел беше да се влијае на цените на овие производи за да бидат пониски на пазарот, а фискалните давачки не беа приоритет, особено поради фактот што се работи за автономни мерки со времено траење. Сметавме дека ќе се влијае директно позитивно на пазарот, затоа што вкупните давачки, и царински и даночни, за овие производи достигнуваат 65 проценти и сметавме дека ќе има позитивно влијание таму. Но, фискалните импликации се помалку поради МФН-правилата на повластени тарифи, согласно со Светската трговска организација, во голем дел имаме нула тарифа, а во некои имаме и квантитативни мерки.
Според некои првични проценки, од тоа што го гледавме, нема да достигне милион евра вкупниот фискален ефект од овие мерки, а во стопанството во нашата економија значително ќе влијае на цените на овие производи – вели Бесими.
Прашан како се доведовме во ситуација субвенционирани овошје и зеленчук да се извезуваат, а истите трговци да увезуваат поскапи овошје и зеленчук, министерот Бесими посочи дека сме либерална економија со обврски согласно со членството во СТО, кандидатскиот статус за ЕУ и Договорот за стабилизација и асоцијација.
По основ на тие меѓународни договори, сме земја која е со слободна трговија на овие производи, вклучително и дел од земјоделските производи. Трговците, дополни тој, покрај тоа што се носат од мотивацијата за зголемување на профитот, сепак, ако беа поволни цените, треба да се понудат на домашниот пазар.
Тој очекува денеска, на пленарна седница, да се изгласа предлог-одлуката за прераспределба на средства во буџетот, со која се предвидени 4,5 милијарди денари за антикризни мерки.
-Владата ќе излезе со конкретен предлог, како и досега – субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата, а ќе има и мерки за поддршка на најранливите категории граѓани, но и поддршка на стопанството. Една од мерките за поддршка на стопанството е и зелената обврзница во износ од 10 милиони евра, за која минатата среда беше објавен проспектот, а оваа среда ќе има аукција. Средствата ќе одат во Развојната банка за поддршка на стопанството за обврски и кредити за енергетска ефикасност – изјави Бесими.