Ребалансот на Буџетот за 2022 година, што го усвои Собранието, ги има предвид реалните економски состојби, содржи средства за амортизирање на ефектите од кризата, за одржување на динамиката на раст и овозможување фискална одржливост на среден рок, а при тоа е важно дека е обезбедено и финансирањето како што е планирано и се бараат начини тоа да се направи на најоптимален начин, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во гостување во Дневникот на ТВ 24, Бесими потенцира дека со Ребалансот се прави реструктуирање на расходната, но и приспособување на приходната страна, со цел да се излезе во пресрет на потребите за поддршка на граѓаните и стопанството.
– Со Ребалансот се направија промени онаму каде во првата половина од годината се реалоцираа средства за кризата. Така што, без ребаланс на Буџетот се реализираа сите средства што беа предвидени за антиркизните мерки, како и поддршка за потребите на ЕСМ со што граѓаните плаќаат само 20 отсто од цената на електричната енергија. Средства за зголемени пензии согласно новата методологија, за зголемената минимална плата во јавниот сектор, но и за субвенции за придонесите за исплата на зголемената минимална плата во приватниот сектор, како и други мерки кои беа преземени со цел да се помогне стопанството и граѓаните, но и за периодот што следи од шест месеци, истакна Бесими.
Според него, обезбедени се дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции во земјоделството за стратешки производи и зголемување на приносите, 2,4 милијарди денари дополнителни средства за примателите на гарантиран минимален приход, дополнителни средства за зголемените плати за 15 проценти во образование и во делот на развојот на економијата, како и дополнителни 1,1 милијарди денари за проектот Мој ДДВ, за пари што се враќаат кај граѓаните.
Во однос на антикризните мерки, Бесими потенцира дека во посебна програма се предвидени 76 милиони евра или 4,7 милијарди денари, но дека вкупните средствата обезбедени за антиркизни мерки се повисоки.
– Не се само овие 76 милиони евра. Тие се дополнителни средства на претходно резервираните 50 милиони евра во оваа програма. Потоа има 100 милион евра за ЕСМ кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и за кои се очекува неделава да се усвои Законот во Собрание. Тоа се поволни средства за ликвидност на ЕСМ, кои инаку требаше да се обезбедат од Буџетот што ќе значеше дополнителен еден отсто дефицит од БДП. Се разговара за дополнителни 100 милиони евра од ЕИБ за поволни кредити за стопанството за ликвидност и за инвестиции во енергетска ефикасност и зелена транзиција, дополни Бесими.
Министерот потенцира дека средствата за финансирање на Ребалансот се обезбедени и ќе се реализираат како што е планирано, нагласувајќи дека покрај за средства за кои се разговара со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), се разговара и за други инструменти на финансирање како на домашниот, така и на меѓународните финансиски пазари.
– Со ММФ се преговара. Тоа се преговори кои траат вообичаено со месеци. Но, работиме и на повеќе други инструменти, меѓу кои е и еврообврзницата. Целта е да го заокружиме целото финансирање по просечна каматна стапка која ќе биде под она што е на меѓународните финансиски пазари, а која се движи над 7 проценти. При тоа, ја земаме предвид и рочноста. Значи работиме на неколку опции. Не гледаме линеарно само на еден и единствен инструмент, гледаме на повеќе инструменти и портфолија за да го намалиме товарот врз буџетот, рече министерот за финансии.
Според него, вниманието е свртено и кон странски инвеститори и меѓународни финансиски институции, бидејќи стратегија на државата е да се внесат повеќе девизи во стопанството и на тој начин ќе се помогне да се инјектираат дополнителни финансиски средства во нашата економија, да се релаксира монетарната политика, да се стабилизираат очекувањата и да се ублажи ефектот, односно трендот на зголемување на каматните стапки, кои може да имаат ефект за стагнирање на растот.
Бесими потенцира дека земјата има поволна позиција во однос на обезбедување средства на пазарите и оти според наши сигнали има интерес за нашите обврзници, но со оглед на високите цени, се уште се бара начин да се најде најоптималниот начин на финансирање.
– Дополнителен сигнал за инвеститорите е почетокот на процесот на отворање на преговорите за членство во ЕУ, додаде Бесими.
Министерот потенцира и дека сериозно треба да се сфати состојбата со енергетската криза, посочувајќи на донесените заклучоци за заштеди на институциите на централно ниво, за дадените препораки и до институциите на локално ниво за заштеди. Тој апелираше и до граѓаните за штедење, бидејќи, како што рече, ситуацијата со актуелната криза е сериозна.
– Тоа не е за да се заплашат граѓаните, туку да ја сфатат сериозноста на состојбата, додаде Бесими.