Финансиската поддршка за Украина ќе се реализира преку заедничко задолжување на Унијата

По повеќечасовни разговори, лидерите на земјите членки на Европската Унија постигнаа согласност за финансискиот модел со кој ќе се обезбеди поддршка за Украина во 2026 и 2027 година. Средствата ќе бидат обезбедени преку кредит, финансиран со задолжување на ЕУ на пазарите на капитал, со поддршка од долгорочниот буџет на Унијата.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нешто пред 3 часот информираше дека договорот е постигнат.

„Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Се обврзавме, исполнивме“, напиша Кошта во објава на Икс.

Белгискиот премиер Барт де Вевер оцени дека постигнувањето договор било од суштинско значење за улогата на Европа на глобалната сцена.

„Да го напуштавме Брисел поделен денес, Европа ќе се оддалечеше од геополитичката релевантност, тоа ќе беше целосна катастрофа. И ќе му испратевме порака на светот дека Европа повеќе не може да испорача ништо и дека тоа би била и стратешка катастрофа. Дојдовме до решение зад кое секој може да застане, во ред, ни требаше малку време, ова е Европа. Но, денес секој може да ја напушти оваа сала за состаноци победнички. Мислам дека Украина победи. Доби итно, предвидливо и сигурно финансирање што ѝ е потребн за следните две години врз основа на задолжувањето на ЕУ на пазарите на капитал, поддржано од буџетскиот простор на ЕУ. Ова не е кревка конструкција. Ова е стабилно, правно робусно и финансиски кредибилно европско решение. Пловиме во чартер води“, изјави де Вевер.

Според договореното, враќањето на кредитот од страна на Украина ќе следува откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани за време на инвазијата. Истовремено, Европската Унија го задржува правото да ги користи замрзнатите руски средства за финансирање на заемот.