Граѓаните ќе можат да ја користат апликацијата „м.Услуги“ без да одат на шалтер, а дигиталниот паричник ќе биде бесплатен и достапен за сите корисници на мобилните телефони со оперативни системи Андроид и Епл, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.

Тој објасни дека корисниците на националниот портал uslugi.gov.mk и на системот е-ППД на Управата за јавни приходи ќе можат директно да ја преземат апликацијата и да се регистрираат преку својот мобилен телефон, без потреба од посета на институција. Граѓаните кои досега не ги користеле овие системи ќе треба еднократно да го потврдат својот идентитет за да добијат пристап до апликацијата.

Андоновски ја претстави и функционалноста на дигиталниот паричник, кој ќе биде заштитен со ПИН-код, со можност за дополнителна биометриска заштита. Апликацијата ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик.

Во почетната фаза, граѓаните ќе треба да ги носат и физичките документи, бидејќи институциите сè уште треба технички и законски да се подготват за целосно прифаќање на нивните електронски верзии.

„Во почетокот треба да се носат пластичните, постоечките документи. Со текот на времето ќе работиме МВР да има капацитети технички да може да ги провери електронските документи. Новите возила што ги набави МВР имаат таква можност, треба да го развиеме и тој софтвер за да им дозволиме да скенираат и да промениме дел од подзаконските акти во Министерството за внатрешни работи кои се однесуваат на личната карта и возачката дозвола“, објасни Андоновски.

Тој посочи дека во подзаконските акти точно е дефиниран изгледот на обрасците за лична карта и возачка дозвола, па ќе треба да се направат соодветни измени со кои ќе се предвидат и нивните електронски верзии.

Патоказот на Министерството е до 2027 година земјата целосно да се усогласи со европската регулатива за дигитален идентитет, односно европскиот дигитален паричник. Иако националниот закон веќе е усогласен, Андоновски нагласи дека се потребни измени и во други закони и подзаконски акти, за електронските документи да имаат целосна правна важност.

„Патоказот ни е до 2027 година целосно да се усогласиме со европскиот закон за дигитален идентитет, односно дигитален паричник. Ние законот наш го имаме усогласено, но потребна е промена во другите закони и подзаконски акти, исто како и сите закони за дигитализација кои ќе овозможат вашите документи да бидат полноважни“, рече министерот.

Андоновски нагласи дека користењето на „м.Услуги“ нема да ги чини граѓаните ништо, ниту пак развојот на апликацијата претставува нов трошок за државниот буџет.

„М.Услуги е бесплатна за користење за сите граѓани, нема да се наплаќа користењето, достапна е и на Андроид и на Епл. Целта е државата да ја доближиме до граѓанинот. Премала држава сме за да имаме 20 различни државни апликации. Оваа апликација не го чини ништо буџетот на државата, нула денари, затоа што ова е проект на кој пристапивме уште во 2024 година“, истакна Андоновски.

Тој информираше дека проектот бил реализиран со грант од еден милион евра обезбеден преку програмата „Дигитална Европа“, додека Министерството учествувало со кофинансирање преку сопствените човечки ресурси и кадар. Одржувањето на апликацијата ќе претставува трошок, но, како што посочи, тој ќе биде покриен од буџетот на Министерството.

Министерот откри дека демо-верзијата на апликацијата била подготвена уште минатата година, кога Македонија би можела да биде меѓу првите пет европски земји со вакво мобилно решение. Сега, според него, земјата се наоѓа меѓу првите 15 во регионот, а како пример за вакви апликации ја посочи и Грција.

Андоновски посебно го истакна фактот дека станува збор за домашен производ, развиен од македонски инженери и програмери, со учество на тимови од Министерството и надворешни соработници.

Иако концептот бил инспириран од украинската апликација „Дија“ и полската „мГраѓанин“, целиот развој на македонската апликација бил реализиран во земјава.

„Многу млади луѓе работеа на апликацијата. Ова е македонски производ, тоа се македонски инженери, девелопери. Иако идејата потекнува од украинската Дија и полската мГраѓанин, целиот развој беше тука во Македонија. Тимови од Министерството и надвор од него работеа на неа, сакам да им честитам. Мислам дека може да се гордееме со апликацијата, ќе биде пример во однос на другите како се работи апликација“, порача Андоновски.