Македонија работи на промена на системот за идентификација на граѓаните по европски модел, со воведување алфанумерички број што не открива лични податоци, а паралелно се подготвуваат и дополнителни механизми за заштита на дигиталниот паричник, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.

Андоновски посочи дека Министерството работи на измени на правилникот за порталот и за Централниот регистар на население, со кои ќе се овозможи електронскиот единствен број на граѓанинот да се користи и во други институции, а не само во системот со кој управува Министерството.

Станува збор за промена на досегашниот матичен број, кој преку цифрите открива податоци како датумот на раѓање, полот и општината во која е родено лицето. Новиот модел, каков што веќе е воведен во европските земји и во Хрватска, предвидува алфанумерички идентификатор што не содржи информации за граѓанинот.

„Тоа што се воведе во Европа и што Хрватска го направи е промена од стариот социјалистички матичен број, во кој јавно ви се кажуваат датумот на раѓање, вашиот пол и општината каде сте родени, со еден алфанумерички знак кој не кажува никакви податоци за вас кога некој ќе го сподели“, објасни Андоновски.

Тој појасни дека Македонија веќе го има електронскиот единствен број на граѓанинот во порталот на Централниот регистар на население. Станува збор за број составен од осум или девет случајно генерирани цифри за секој граѓанин, а со измените на правилникот се овозможува негово користење и од други институции.

Сепак, според министерот, за целосно прифаќање на новиот систем ќе биде потребно време, бидејќи дел од институциите сè уште имаат резерви, особено оние што работат со лични податоци, како Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и Царинската управа.

Како пример за потребниот период на приспособување ја посочи Хрватска, каде што процесот траел десет години, а во тој период паралелно се користеле и стариот матичен број и новиот електронски број на граѓанинот.

Осврнувајќи се на безбедноста на дигиталниот паричник, Андоновски објасни дека граѓаните ќе можат да ја заштитат својата апликација доколку им биде украден или го изгубат мобилниот телефон.

Преку поврзаноста со порталот за услуги, во апликацијата е воведена опцијата „Мои уреди“, преку која корисникот во секој момент може да го откаже пристапот од конкретен уред. На тој начин, дури и ако телефонот биде изгубен или украден, нема да може да се пристапи до личните податоци преку дигиталниот паричник.

Дополнителна заштита е и ПИН-кодот што секој корисник сам го избира и го внесува при користењето на апликацијата. Според Андоновски, тоа е уште една пречка за неовластен пристап доколку телефонот падне во туѓи раце.

Министерот појасни и дека електронските верзии на личната карта и возачката дозвола се директно поврзани со документите што ги издава МВР, кои остануваат основен извор на податоците. Тоа значи дека важноста на електронската верзија е поврзана со важноста на физичкиот документ – кога ќе истече личната карта, истекува и нејзината електронска верзија.

Андоновски нагласи дека податоците се повлекуваат во реално време од авторитативните системи на МВР, а во апликацијата е прикажано и кога последен пат е извршена проверка на валидноста на документот.

Тој објасни дека, доколку граѓанинот денес ја има личната карта во мобилниот телефон, а потоа ја изгуби и го пријави тоа, при следната проверка електронската верзија ќе покаже дека последната верификација била извршена претходниот ден. На тој начин се овозможува проверка на актуелниот статус на документот.

Во однос на можноста за воведување блокчејн-технологија за дополнително обезбедување на податоците и приватноста, Андоновски рече дека засега е избран поинаков пристап, преку платформата за интероперабилност.

Тој објасни дека размената на податоци меѓу институциите преку оваа платформа е енкриптирана, односно институцијата што ја управува платформата нема увид во тоа кои конкретни податоци ги разменуваат две институции.

„Ние сме одлучиле за поинаков пристап, а тоа е платформата за интероперабилност во која размената на податоци е енкриптирана. Тоа значи дека тој што ја менаџира платформата не знае кои податоци ги споделиле институција А со институција Б, на пример Царината. Тој принцип ќе го задржиме барем засега“, истакна министерот.

Сепак, остави простор за разгледување на блокчејн-технологијата во иднина, особено доколку се појават решенија што ќе овозможат двојно или тројно потврдување на податоците.

Како еден од предизвиците во дигитализацијата го посочи и Централниот регистар на население, кој претставува база на податоци за сите граѓани. Со него управува Министерството, а податоците се преземаат од различни институции, се споредуваат и се обединуваат во единствена база.

Андоновски се осврна и на можноста електронските документи да се користат при преминување на државните граници. Тој појасни дека во моментов тоа не е можно, бидејќи земјите со кои Македонија соработува сè уште немаат воведено дигитални паричници што би овозможиле меѓусебно признавање на електронските документи.

Според него, Европската Унија работи на развој на европски дигитален паричник, познат како ЕУИД, во кој се вклучени земјите членки, но и Молдавија. Македонија настојува да се приклучи кон оваа иницијатива, особено затоа што веќе го развива сопствениот дигитален паричник.

„Во оваа фаза не, но Европската Унија притиска тоа да се случи во 2027 или 2028 година“, рече Андоновски, посочувајќи дека во иднина електронските документи би можеле да се користат и за полесно преминување на границите.