Сите основци од училиштата од општина Кисела Вода новата учебна година ќе ја започнат со бесплатни нови униформи. Општина Кисела Вода обезбеди средства во својот Буџет во висина од 5 милиони денари кои ќе се потрошат на униформи, како дел од стратегијата за обезбедување на еднакви можности за сите деца.
Во услови кога социјалните разлики се многу изразени, огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да биде извор на поделби, па дури и булинг, Општина Кисела Вода излегува со мерка која треба да овозможи намалување на нееднаквостите во училиштето, и обезбедување на атмосфера во која учениците ќе можат целосно да се фокусираат на своето образование, без разлика на својот економски статус.
-Со низа мерки се грижиме училиштето да биде простор за образовен, база за иден кариерен напредок. Стимулативна средина во која учениците ќе се натпреваруваат во знаење, а не во финансиска моќ. Свесни дека социјалните разлики се се’ поизразени, дека немаштијата затропа на многу порти, како локална самоуправа донесовме одлука да издвоиме средства за униформи за секој ученик од прво до деветто одделение. На овој начин, сметам дека креираме попријатно секојдневие за сите деца, ја намалуваме нееднаквоста и ја намалуваме можноста за дискриминација која често завршува со булинг. Ова ќе значи и стандардизација на кодексот на облекување, што е чест пример во високоразвиените земји-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека финансиско олеснување ќе има и за родителите кои имаат првоодделенец, бидејќи и оваа година продолжува лани започнатиот проект “Ранче за секое прваче”.
-Продолжуваме и со мерката за обезбедување на бесплатна училишна чанта, тетратки и училишен прибор за секое прваче. Првиот училишен ден треба да биде радост, а не грижа, за сите-и за ученикот и за неговите родители, без разлика на економскиот статус. Паралелно, Општина Кисела Вода го продолжува проектот и за бесплатни часови по странски јазици и спорт за социјално загрозените ученици, а за истите летово се организира и бесплатно летување на Охридското Езеро. Сетот мерки за поддршка ќе биде дополнет и со други поволности-информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.