Без нова средба меѓу политичките партии, неизвесно дали измените ќе бидат донесени до 15 јули

На само неколку дена пред истекот на рокот, сè уште нема договор за измените на Изборниот законик. Политичките партии остануваат на своите позиции, а нова средба за усогласување на ставовите засега не е најавена.

Не успеа ниту иницијативата на Левица за состанок со опозициските партии, со цел да се доближат ставовите околу предложените измени. Од СДСМ порачаа дека нема потреба од дополнителни разговори, додека од Левица обвинија дека партијата не прифаќа дијалог за да го зачува постојниот изборен модел и, како што велат, да го одложи сопствениот политички пад.

Несогласувањата остануваат, рокот истекува

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека опозицијата не е заинтересирана за нов Изборен законик, туку за блокирање на процесот. Оттаму повторија дека со месеци се воделе разговори, но дека дел од партиите се повлекуваат непосредно пред гласањето.

„Со оглед дека рокот е до 15 јули, уште еднаш ќе се покаже хипокризијата, каде што во првиот дел од денот не обвинуваат дека не сме ориентирани кон исполнување на реформите за приближување кон Европската унија, во вториот дел од денот самите ги блокираат“, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од власта повторуваат дека се подготвени да ги прифатат сите предлози, доколку се овозможи електронско гласање на дијаспората.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предложи да се формира експертска група која ќе ја анализира можноста за воведување електронско гласање.

ДУИ, пак, останува на ставот дека поддржува една изборна единица, но со изборен праг од пет проценти. Од партијата велат дека не добиле покана за средба од Левица.

„Немам сознание дека има покана од Левица до нас. ДУИ во минатото, но и сега, секогаш било за институционален дијалог. Доколку добиеме таква покана, тоа ќе се разгледа во органите на партијата и ќе се одлучи дали би требало да се присуствува“, изјави Арбана Пашоли од ДУИ.

Изборниот законик е дел од Реформската агенда, а рокот за негово усвојување истекува на 15 јули на полноќ. Доколку до тогаш биде постигнат политички консензус, новите изборни правила би се применувале на претседателските избори во 2029 година.