Законските измени стапуваат на сила од 26 септември 2025

Од денес, 26 септември 2025 година, се воведуваат измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Целта е да се заштитат најранливите учесници во сообраќајот и да се намали бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од невнимателно однесување.

Нови законски решенија за пешаци и возачи

Новите законски решенија се воведуваат за елиминирање на опасни навики кај пешаците и возачите на одредени категории возила.

-Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента.

-Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.

-Возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.

Цел и апел на Советот

Овие измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот. Пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и другите учесници се обврзани да учествуваат во сообраќајот без користење електронски уреди кои го одвлекуваат вниманието.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на овие законски измени е создавање услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

Советот апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и пропишите, бидејќи безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас.