Граѓаните во Албанија отсега можат да ги коригираат или ажурираат своите адресни податоци електронски, без да посетуваат административни шалтери. Новата услуга е достапна преку државниот портал е-Албанија.
Националниот адресен систем претставува единствен и стандардизиран регистар преку кој се овозможува прецизна идентификација на улиците, објектите и административните единици на територијата на целата земја.
Менаџерката за информатичка технологија во Дирекцијата за информациски и комуникациски технологии за развој при Министерството за внатрешни работи и Националната агенција за администрација на локалната самоуправа, Тергита Густа, изјави дека ажурираните податоци и нивната интеграција со државните системи придонесуваат за поефикасно управување со територијата и подобро планирање.
„Електронската услуга „Корекција на адреси“, достапна преку порталот е-Албанија, им овозможува на граѓаните брзо, едноставно и безбедно да ги ажурираат своите адресни податоци преку интернет“, изјави Густа за медиумите.
Таа додава дека дигитализацијата на услугата има за цел да ја зголеми точноста на податоците и да го олесни управувањето со адресниот систем. Воедно, на граѓаните треба да им заштеди време при користењето на јавните услуги.
