Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе ја оствари својата прва официјална посета на Белград, соопшти кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Деталите за посетата не се објавени, а Вучиќ, најавувајќи го доаѓањето на украинскиот шеф на државата, вчера им рече на новинарите дека имале „неколку теми“, вклучувајќи го и европскиот пат на Украина и на Србија.

– Се соочуваме со истите проблеми по патот, па верувам дека ќе разговараме како да си помогнеме едни на други. Второто прашање е билатералната економска соработка меѓу нашите земји, а третото е нашата енергетска соработка. Тоа се трите главни теми за кои ќе разговараме, но сигурен сум дека ќе се осврнеме и на други од различни области – рече Вучиќ.

Двајцата претседатели досега се сретнаа неколку пати на меѓународни конференции. Последен пат се сретнаа кон средината на јули во Киев на 5-тиот самит Украина-Југоисточна Европа, кога беше потпишана заедничка декларација за продолжување на политичката, воената, финансиската и безбедносната поддршка за Украина и за зголемување на притисокот врз Русија, како и за осуда на руската агресија врз Украина.

Во тој документ, меѓу другото, Русија беше обвинета за нелегална, неиспровоцирана и неоправдана агресија врз Украина и беше повикана на итен прекин на војната и целосно и безусловно повлекување на армијата и воената опрема од целата украинска територија.

Вучиќ беше единствениот политички лидер во регионот кој не ја потпиша декларацијата.

Србија ја осуди инвазијата на Русија врз Украина, но поради традиционалната блискост со Москва, одбива да се придружи на санкциите што Европската Унија ги воведе врз Кремљ.

За време на јулскиот самит во Киев, Вучиќ разговараше со Зеленски, при што се согласија да ги интензивираат билатералните контакти и се договорија за почести средби на највисоко ниво, како и за иницијативи за подобро поврзување на регионот, како и за меѓусебна поддршка на Србија и Украина на европскиот пат.

Вучиќ истакна дека Србија активно учествува во обезбедувањето финансиска, медицинска и енергетска помош, како и дека го покренала прашањето за сообраќајните врски на регионот со поширокиот европски простор, како предуслови за побрз развој и побезбедна иднина.