Владата вчера донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
– сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе луѓе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

– Единствена разлика е во тоа што, ако има над 30 гости, објектот треба да има редарска служба која ќе ги проверува сертификатите. За тоа кој ќе биде редар, тоа е веќе техничко прашање во надлежност на угостителите и трговските центри. Контрола ќе вршат инспектори од Државниот пазарен инспекторат, појасни Филипче на новинарски прашања на одбележувањето на 18 август, Денот на Армијата.

Според последните информации од Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.732 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.