Албанскиот премиер Еди Рама објави дека во земјата против Ковид-19 досега се имунизирани повеќе од 770.000 граѓани, додавајќи дека овој процес продолжува без застој.
– Со вакцинирањето на вработените во јавниот транспорт, успеавме да имунизираме над 770.000 граѓани над 60-годишна возраст и вработени во услужните сектори. Утре очекуваме пратка со 11.700 дози вакцини на Фајзер. Продолжуваме без застој со календарот за вакцинација. Албанија се насмевнува, напиша Рама.
Претходно, коментирајќи ги барањата за целосно укинување на полицискиот час, тој рече дека главниот збор го има Комитетот на експерти за справување со пандемијата и им порача на оние што го бараат тоа „да не ги опфаќа еуфорија“.
Инаку, Комитетот по анализа на епидемиолошката состојба, одлучи од 1 јуни да се укине задолжителното носење заштитна маска на лицето на отворен простор, но останува задолжително во затворен простор и во јавен превоз. Полицискиот час кој беше воведен во ноември минатата година да биде покус за еден час и да трае од 23 до шест часот.
Според одлуката на Комитетот, ноќните клубови и дискотеки и понатаму остануваат затворени, а од 15 јуни ќе се дозволи групирање на отворен простор на 15 наместо 10 лица, колку што е сега.
Доколку епидемиолошката состојба продолжи да се подобрува, од 1 јули полицискот час ќе почнува на полноќ и ќе трае до шест часот наутро. Исто така ќе се дозволи одржување спортски натпревари, театарски претстави, други културни настани и конференции со присуство до 30 отсто од капацитетот, според протоколот на Институтот за јавно здравје.