Министерот Тошковски најавува нов систем за безбедност

Проектот „Безбеден град“ ќе започне официјално на 1 јануари 2026 година, а пред тоа ќе се спроведе пробен период за информирање на граѓаните за сообраќајни прекршоци. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, појасни дека во овој период граѓаните ќе добиваат известувања на нивните мобилни телефони за сторени прекршоци.

„Од 1.1. 2025 година, со измената на Правилникот за регистрирање на моторни возила, започнавме со собирање на сите потребни податоци и информации за сопствениците на возила. Формално, правно можеме да отпочнеме со имплементација од 1.1.2026 година. Граѓаните ќе бидат известувани преку мобилните телефони за сторени прекршоци, со цел да се подготват за официјалниот почеток“, рече Тошковски.

Законски измени за поддршка на проектот

Министерот појасни дека дел од законските измени допрва треба да поминат низ законодавниот дом.

„Ова е пакет на закони, шест закони мислам дека се поврзани со промената на потребната законска легислатива и понатаму правилници коишто дополнително ќе треба да ги измениме. Во рамки на собраниска процедура е влезен Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така, во процедура е влезен Закон за прекршоци, кој директно е поврзан со имплементација на ‘Безбеден град’ и во иднина безбедна држава“, појасни Тошковски.

Тој додаде дека ќе следат измени и на Кривичниот законик, Законот за извршување на санкции и Законот за возила, за да се обезбеди целосна подготовка за стартот на проектот.

Пробен период и информирање на граѓаните

Министерот најави дека пробниот период ќе започне најдоцна до 1 декември 2025 година.

„Наредните триесет дена ќе ги искористиме за информирање на граѓаните дека на конкретна сообраќајница сториле конкретен прекршок. Целта е да се подготват пред официјалната примена на законските измени“, додаде Тошковски.

Проектот „Безбеден град“ е дел од стратегијата на Министерството за внатрешни работи за подобрување на безбедноста во сообраќајот и е во корелација со современите технологии и мобилни комуникации за директно информирање на граѓаните.