Општина Кисела Вода покрена иницијатива за подобрување на состојбите во колективното домување преку организирање работна средба со управителите и претставниците на куќните совети. На состанокот зедоа учество локалните инспекциски органи, како и претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски.
Главниот фокус на разговорот беше ставен врз проблемите и потребите со кои станарите секојдневно се соочуваат во рамките на повеќестанбените згради. Меѓу приоритетните теми беа издвоени техничкото одржување на станбениот фонд, редовната грижа за заедничките простории, мерките за противпожарна заштита и гарантирањето на слободни евакуациски правци при евентуална опасност. Исто така, беше нагласена важноста од брза реакција и пријавување на оштетувања што можат да ја загрозат безбедноста на објектите.
На средбата беше нотирана потребата од стриктно применување на одредбите од Законот за домување, со цел јасно почитување на надлежностите што ги имаат управителите, сопствениците на станови и куќните совети за непречено функционирање на станбените единици.
Безбедноста во колективното домување и одржувањето на станбените објекти не се прашање на личен избор, туку строга законска обврска. Како локална самоуправа, преземаме проактивен пристап за системско решавање на проблемите во оваа сфера. Преку тесната координација со нашите инспекциски служби и Регулаторната комисија за домување, започнуваме со сеопфатен процес за ставање ред и надминување на сите отворени прашања во оваа сфера. Денеска детално ги мапиравме реалните состојби на терен, а во периодот што следи Општина Кисела Вода ќе преземе конкретни и одлучни чекори кои ќе гарантираат сигурен дом и целосно почитување на регулативите за сите наши жители.
