Во рамки на 19. седница на Советот на Општина Карпош, советниците разгледуваа и одлучуваа по 17 точки кои беа поставени на дневниот ред. Меѓу главните одлуки беше усвојувањето на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за третиот квартал за 2026 година. Во колоната за план се предвидени приходи во износ од 2.216.812.599 денари, додека реализираните приходи за третиот квартал достигнаа 1.123.678.929 денари, при што со општиот буџетски план се утврдени приходи од 1.377.715.599 денари и реализација во вториот квартал од 548.496.348 денари.

Советниците дадоа поддршка и за измена на Одлуката за давање согласност за изготвување физибилити студија за утврдување извори на техничка вода на подрачјето на општината. Измената е во член 2, став 2, каде се предвидува користење на претходни хидрогеографски мапи, анализи и документација од релевантни институции, а целта е да се обезбеди техничка вода за полевање зелени површини, перење улици и комунални потреби со средства од 900.000 денари од општинскиот буџет за 2026 година.

По повод 50-годишнината од основањето на Карпош, Советот изгласа признание и парична награда од 20.000 денари за истакнат припадник на Противпожарната бригада – пункт Тафталиџе за пожртвуваност и заштита на граѓаните. Идентично признание и парична награда од 20.000 денари се доделени и на здравствен работник од службата за Итна медицинска помош при ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“, како и на полициски службеник од Полициската станица од општа надлежност Карпош за придонес во одржувањето на јавниот ред и мир, што ќе ги врачи градоначалникот Сотир Лукровски. Исто така, парична награда од 10.000 денари му беше доделена на општински работник за особен труд во одржувањето на хигиената.

Општината по повод својот половинавековен јубилеј ќе додели и Плакети за заслужни граѓани на Карпош за 2026 година кои придонеле за локалниот развој. Советниците одобрија и објавување јавен оглас во траење од 30 дена за формирање Партиципативно тело во областа на урбанизмот, составено од граѓани и невладини организации, чиј избор ќе го води тричлена комисија назначена од градоначалникот Лукровски.

На седницата беа изгласани кадровски измени во составите на три постојани комисии на Советот, односно за заштита на животната средина, за култура и за негување на традициите, а беше пополнет и составот на Комисијата за доделување еднократна парична помош за лекување и социјален ризик за 2026 година. На крајот беше усвоена и Информацијата за извештајот за оцена на јавните расходи и финансиската одговорност (PEFA) за периодот 2023–2025 година, подготвен во соработка со домашни и меѓународни тела, кој потврди видлив напредок во јавните финансии со препораки за натамошно внимание кон надворешната ревизија.