Мицкоски ги демантираше шпекулациите за мигрантски кампови

Премиерот Христијан Мицкоски увери дека Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство ќе биде транспарентно презентиран во Собранието по неговото потпишување. Тој ги отфрли шпекулациите дека договорот предвидува прием на мигранти во земјава.

„Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема“, нагласи премиерот.

Мицкоски објасни дека шпекулациите за мигрантски кампови се неосновани и потекнуваат од споредби со договор во Албанија.

„Амбасадорот на Обединетото Кралство јасно кажа дека такво нешто апсолутно нема. Темата се наметна по договорот во Албанија за изградба на кампови за десетици илјади мигранти. Аналогно, таа тема се пренесе овде, но таа е затворена. Опозицијата и нивните поддржувачи се обидуваат да го оцрнат овој стратешки договор. Тие мислат дека ќе ѝ наштетат на Владата, но таква работа нема“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека договорот денеска ќе биде парафиран, а потоа презентиран пред пратениците. „Ние шверцерски ништо не носиме, не злоупотребуваме европско знаме. Пратениците ќе видат сè што следи од овој проект. Тој вклучува изградба на пруга од Табановце до Гевгелија, реконструкција и модернизација на пругата, завршување на Клинички центар во Штип, зграда за Медицински факултет и Студентски дом. Исто така, предвидува изградба на болница во Кичево, здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Имаме уште 60 проценти од рамката на располагање. Вака се гради држава, за разлика од минатото кога се крадеше“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека договорот ќе донесе конкретни проекти за развој на инфраструктурата. Тој ја критикуваше праксата на претходните влади за, како што рече, крадење и нетранспарентност.

Извор: Plusinfo