На маргините на министерскиот состанок во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше одвоени средби со министрите за одбрана – Матеј Тонин на Словенија, Стефан Јанев на Бугарија, Николаос Панагиотопулос на Грција и со Хулуси Акар, министер за одбрана на Турција.

Како што соопшти Министеството за одбрана, на средбата со министерот за одбрана на Словенија, Тонин, беа потврдени одличните одбранбени односи помеѓу двете земји и интензивната соработка во одбраната. Министрите се договорија дека двете земји ќе потпишат нов билатерален договор за стратешка соработка во одбраната.

-Министерката Петровска и бугарскиот колега Јанев ја потврдија добрата одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и беа разгледани можностите за нејзино зајакнување. Петровска се сретна и со грчкиот министер за одбрана, Панагиотопулос, со кого ја поздравија засилената соработка во одбраната и се согласија дека двете земји се посветени сојузници. На билатералната средба со министерот за одбрана на Турција, Акар, двајцата министри се согласија да ја зајакнат одбранбената соработка со заеднички вежби и обуки, и во контекст на модернизацијата на Армијата, соопшти Министеството за одбрана.

Министерката Петровска утрово имаше средба со колегите од земјите учеснички во мисијата на НАТО за одвраќање и одбрана „Enhanced forward presence” во Латвија под раководство на Канада. Во оваа мисија неколку години учествуваат Канада, Шпанија, Италија, Чешка, Полска, Албанија, Исланд, Словенија, Словачка, Латвија, Црна Гора, а со одлука од минатата година и Северна Македонија. Нашиот контингент, се наведува во соопштението, летово ќе биде упатен во склоп на контингентот на Словенија.