Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави за Канал 5 дека жали што билатералните прашања меѓу Скопје и Софија станале дел од извештајот за напредокот на земјата. Тој посочи дека не ја поддржувал спорната терминологија и одредбите поврзани со билатералниот спор и оцени дека таквите теми не требало да бидат внесени во документ чија цел е да го мери европскиот напредок на Македонија.

Изјавата доаѓа откако Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 воздржани. Иако документот формално се однесува на напредокот на земјата, во неговата конечна верзија остана една од најспорните точки – делот поврзан со Вториот протокол од Договорот со Бугарија, очекувањата од Историската комисија и формулациите за „заедничка историја“.

Не беше прифатен обидот за целосно бришење на ставот 73 од резолуцијата. Со тоа во извештајот останаа барањето Историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, повикувањето на протоколот со Бугарија и деловите што предизвикаа остри реакции во македонската јавност.

Вајц во интервјуто нагласи дека не ги поддржувал спорните делови. Неговиот став има дополнителна тежина бидејќи доаѓа од европратеникот што го водеше извештајот низ процедурите во Европскиот парламент, а кој сега јавно оценува дека билатералните прашања меѓу Скопје и Софија не требало да станат дел од европски документ за напредокот на Македонија.

Ова повторно ја отвора дилемата дали Македонија во европскиот процес се оценува според реформите, владеењето на правото, работата на институциите и Копенхашките критериуми или, пак, процесот се претвора во простор за историски и идентитетски притисоци. Суштината на реакцијата на Вајц е дека извештајот за напредокот не треба да биде документ во кој билатералниот спор се претвора во европски услов.

Во дебатата пред гласањето доминираа и реакциите на бугарските европратеници, особено по палењето на автомобилите пред бугарската амбасада во Скопје. Дел од нив го искористија инцидентот за дополнителни критики кон Македонија и кон нејзиниот државно-политички врв, додека извештајот остана оптоварен со теми што излегуваат надвор од класичната реформска рамка.