Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на релациите со соседна Србија по завршувањето на изборниот процес во таа земја. Тој информираше дека остварил протоколарен разговор со носителот на победничката листа.
Разговорот бил реализиран околу пладне, при што Мицкоски посочи дека нема потреба ваквите комуникации да добиваат естрадна димензија во јавноста.
„Со носителот на листа се слушнав некаде околу пладне, околу 12 часот, не очекував дека сето тоа треба да го претворам во естрада, дека треба да кажам еве се слушнав“, изјави Мицкоски.
Тој појасни дека станува збор за вообичаена протоколарна комуникација со оглед на тоа што лично не го познава носителот на листата.
„Повеќе би кажал дека е протоколарен разговорот бидејќи јас не го познавам господинот Срдановиќ, тој е носител на листата којашто победи на изборите. Ние сме соседи, наши интереси се нашите домашни прашања, се надевам дека во иднина ќе имаме уште подобра соработка и добрососедски односи. Она што мене ме интересира најмногу од тоа се билатералните односи во делот на економијата. Ценам дека сегашниот потенцијал можеме да го зголемиме уште повеќе“, истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето за евентуална комуникација со Александар Вучиќ и соработката со политичките субјекти во соседната држава, беше нагласен приоритетот на домашните државни прашања.
„Мене ме интересира конкретно Македонија и ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Мицкоски.
Беше образложено дека политичката партија одржува стандардни релации во рамките на европското семејство на народни партии.
„Ние имаме односи какви што имаат две сестрински партии, какви што имаме со ХДЗ, какви што имаме со ГЕРБ, со која било сестринска партија, ЦДУ/ЦСУ од Германија, со СДС партијата на Јанша од Словенија, и секаде каде што сум повикан да помогнам ние ќе поддржиме. Не сум разговарал, но тоа не значи дека нема да разговарам, претпоставувам кога во рамките на Европската народна партија ќе се видиме дека ќе разговараме“, изјави Мицкоски.
