Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ упати сериозни критики кон политичкото дејствување на опозицијата за време на гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија „Алфа“. Таа посочи дека раководството на СДСМ применува застарени пропагандни методи и застапува позиции спротивни на потребите на граѓаните. Според нејзините зборови, поразите во главниот град и во општина Брвеница покажуваат дека партиската база не стои зад таквиот курс.

Анализирајќи ги собраниските настапи на опозицискиот лидер, беше оценето дека неговата комуникација се потпира на одамна надминати политички шеми.

„Денеска со овој начин на политичко адресирање на сопствените пораки и политики, лидерот на опозицијата конкретно денес уште еднаш потврди дека гебелсовиот ПР од петтата колона којшто стои зад него и зад целата оваа оркестрација и градењето на неговата политичка номенклатура е комплетно застарен, сè уште аналоген“, рече Василевска.

Во јавното обраќање беше потенцирано дека зад политичките одлуки на опозициските структури стојат олигархиски центри на моќ кои дејствуваат како сива еминенција во општеството.

„Ако земете дека инспираторите на таквите додавки или придавки се истите оние коишто продаваа со големи дивиденди државни добра и работеа да се создаде една сива еминенција во општеството, тоа е онаа озлогласена олигархија којашто никој не ја почитува и сака од граѓаните, но има свои пипци и успева да продре во секој еден политички субјект и да создава политички фигури или да ги брише“, изјави Василевска.

Таа додаде дека овие влијателни групи секогаш претпочитале да покажуваат сервилност кон надворешни странски фактори наместо да се грижат за заштита на суверенитетот и националните приоритети на земјата.

„Уште минатата година на локалните избори истиот резултат им се случи и во Скопје, истото тоа се случи сега и во Брвеница, тоа е сигнал дека нивното членство не верува во нивните политики и не ги одобрува нивните политики. Сè што правите, доколку не го слушате своето членство, ако не сте секојдневно со нив, вие не можете легитимно да ги застапувате“, порача Василевска.