Како што наближува крајот на летото се поставува прашањето размислува ли сериозно Владата на СДСМ и ДУИ како да обезбеди доволно електрична енергија и храна за зимата по пристојни цени. Велам пристојни затоа што за ефтини е многу доцна. Целото нивно однесување и заспаност на оваа тема многу личи на односот во корона пандемијата кога Македонија последна доби вакцини, а македонските граѓани мораа да одат во Србија да молат да се вакцинираат. Нема јасна стратегија. Веќе не е ни тајна, а не мора човек да е ни голем екперт за да се дојде до заклучок дека цената на електричната енергија е повисока од најпесимистичките предвидувања. За домаќинствата е повеќе од дупло, а за фирмите, како и за институциите, општините, болниците е зголемена за 5 до 6 пати. Повторувам 5 до 6 пати. Ако одредена компанија до лани за истиот период плаќала по 10 000 евра за струја, оваа година плаќа 50 000 евра. Тоа е карта во еден правец за уништување на и онака кревката македонска економија, и десетици илјади луѓе без работа. Сценарио од деведесетите на кое постарите генерации се сеќаваат. Дополнително е товарот врз буџетите на општините и на државата со енормното зголемување на сметките.
На ова мора да се додаде состојбата со цената на храната која исто така оди нагоре. Од две причини прво Македонија не ја произведува целата храна што ја користи и второ и за таа што ја произведува користи семиња и ѓубриво кои се од увоз. Цените и на готовата, храна, како и на житните култури, сончогледот, како и на ѓубривата се многу високи од истата причина како и цените на гасот, електричната енергија и нафтата, а тоа е агресијата врз Украина која Путин ја води.
Не смее да се заборави и проблемот со парното, односно затоплувањето на Скопје за кое сеуште нема јасни одговори дали воопшто ќе го има и по која цена.
Кога се ова ќе се стави на куп едиственето прашање е што Владата прави.
За жал не многу.
Единствено што гледаме е неизмерна желба да се искористи и оваа ситуација за криминал и лични интереси. Така познато е на јавноста дека една компанија доби од ЕЛЕМ во директна спогодба во 4 очи фантастични 28 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола, а двете компании кои добија тендер за увоз на јаглен се сопственост на едно лице.
Постојат и бројни други примери кои можеме да ги спомуваме на дневна основа на манипулација, криминал и злоупотреба на кризата, на пример видете ги трговците со електрична енергија и нивното сопствеништво и многу работи ќе се појасни.
На страниците на Фокус уште пролетта пишував за потребата од зголемено производство на електрична енергија и начините на решавање на проблемот со електричната енергија. Македонија има доволно капацитет да ја прозиведе скоро целата електрична енергија што ја троши, но не го прави тоа од неспособност и криминал. Само во периодот 2019- 2021 Електрани на Македонија произвела 1 милион мегават часови помалку во споредба со претходните години. Тие 1 милион мегават часови се доволни да покријат значаен дел од потрошувачката на македонското стопанство. Имаќи предвид дека ги нема компаниите мора да ги купуваат на т.н. слободен пазар на европските берзи по цена во моментов од околу 550 до 600 евра по мегават час, односно тоа е увоз од околу 550 до 600 милиони евра кои компаниите се мачат да ги најдат. Голем дел нема да ги најдат и ќе затворат, а десетици илјади ќе останат на улица. Тие кои ќе останат на улица ќе немаат пари да ја платат електричната енергија која ја користат дома како и да преживеат од први до први што може да доведе до сериозен колапс на цела држава.
Сето ова е пред нас и никој не може да каже дека не го гледа. Неработата и криминалот со години нананзад и терањето само т.н. високи политики може да ја донесе Македонија до колапс. Кога Димитар Ковачевски и Бујар Османи ја убедуваа јавноста дека т.н. француски предлог е добар велеа дека ако не се усвои Македонија ќе нема храна и електрична енергија зимава. Еве сега прашувам со насила усвоен т.н. француски предлог ќе има ли Македонија доволно храна и електрична нергија која граѓаните и фирмите ќе може да ја платат. Одговорот е не! Следува многу тешка зима која како цунами може да уништи се што со децении се градеше. Кога неспособните и криминалните насила владеат за жал ова се случува…
Колумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за неделникот „Фокус“