Ситуацијата со слободата на информирање на Западен Балкан е влошена во изминатите години, а имплементирањето на законите за слобода на информирање е сè уште предизвик, покажа најновиот извештај на БИРН за слобода на информирање на Западен Балкан за 2022 година насловен „Неодговорени повици“.

На денешната презентација на извештајот која се одржа во Скопје, директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева, посочи дека молчењето на институциите било и останува главен проблем во унапредувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер.

Тоа значи дека ако поднесе некој барател писмено барање до институцијата нема да добие одговор во законски определениот рок. Од самото основање на Агенцијата го детектиравме тој проблем и во изминатите три години работевме на целосно надмнинување на тоа, па така преку редовни обуки апелиравме до сите нив дека не смеат кога се работи за основно човеково право да молчат успеавме донекаде да го намалуваме тој процент“, изјави Бојчева.

Таа информира дека изминатите години, 80 проценти од жалбите до Агенцијата се однесувале на проблемот со молк од страна на имателите на информациите, но, дека е забележано значително подобрување во 2021 година.

„Забележавме значително подобрување во однос на жалбите поднесени до Агенцијата. Од вкупно 798 жалби во 2021 година, 45 проценти или 359 жалби беа поднесени поради молк на институциите, но, за жал во 2022 година се зголеми на околу 60 проценти. Меѓутоа, ако имаме предвид дека минатата година беа поднесени 343 жалби до Агенцијата, што е половина од минатите години, значи дека бројот на вкупно поднесени жалби е преполовен и овој број значи подобрување во однос на молкот на институциите“, појасни Бојчева.

Според Бојчева, политичката волја игра многу голема улога во пристапот до јавни информации, а, како што рече, Агенцијата нема доволно сопствени ресурси за да се избори целосно со овој проблем.

Бојчева посочи дека неретко се случува имателот на информации да поднесе жалби за одлука на Агенцијата, за што, според неа, е правно неиздржано.

– Во пракса во последно време имателите на информации покренуваат спорови против нашите одлуки со кои ние ги задолжуваме да ја дадат бараната информација. Би сакала да се осврнам тука на Законот за управни спорови во кои се вели дека странка во спорот може да биде онаа која е незадоволна од одлуката на првостепениот и второстепениот орган, а имателите на информации не се странки во оваа управа постапка, тие се првостепен орган кој одлучува. Во две – три одлуки имавме ситуација во која тие зборуваа за правен интерес, притоа занемарувајќи го фактот дека тука се одлучува за јавен интерес, а не за правен интерес на институцијата – имател на информација, изјави таа.

На презентацијата се одржаа две сесии, првата беше посветена на презентација на извештајот, а на втората се дискутираше за пречките и активностите во рамки на иницијативата „Отворено владино партнерство“.

Саша Драгојло, новинар во БИРН, зборувајќи за состојбата во Србија оцени дека пристапот до јавни информации е многу важен за работата на новинарите, но дека институциите не го овозможуваат доволно.

– Се доживуваме како да сме питачи, питаме, молиме да добиеме информација а сето тоа навистина е проблематично, рече тој.

Посочи дека се потребни медиумски реформи за да се зголеми плурализмот, потенцирајќи дека не се прави ништо за да се подобри сотојбата на новинарите и дека често се изнаоѓаат начини да се заобиколат барањата.

Новинарите на БИРН поднеле барања до различни институции во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.

Трите институции кои што БИРН во извештајот ги наведува како институции со кои имале добра соработка се Парламентот на Албанија, Министерството за надворешни работи на Црна Гора и Владата на Косово. Додека, трите институции со кои соработката не одела добро се Владата на Албанија, Министерството за одбрана на Црна Гора и Царинската управа на Македонија.

Од јануари до декември 2022 година, во институции во земјите од Западен Балкан биле поднесени 376 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, од кои само 134 биле целосно одговорени, на 15 било делумно одговорено, а 14 биле одбиени. Повеќе од половина од барањата, 213, воопшто не биле одговорени, она што е познато како „административен молк“, што според извештајот ја одразува недоволната транспарентност и проактивност на јавните институции.

Од 58 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до различни државни агенции, канцеларии, судови, Царина и министерства во Македонија, кои изминатата година ги поднеле новинарите на БИРН, 55 проценти биле целосно одговорени, 15 отсто биле одбиени, а на останатите барања, односно на 30 проценти, воопшто не е одговорено.