Регулаторната комсија за енергетика (РКЕ) прави анализи како може да им се излезе во пресрет на општините кога е во прашање набавката на електрична енергија.
Како што изјави денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во „Стадион“ на Канал 77, најголем број од општините и јавните комунални претпријатија набавуваат електрична енергија на слободниот пазар.
-Но, за жал, имаме детектирано дека дел од општините се останати кај крајниот снабдувач што е 50 отсто од берзата хупекс – некои поради немарност, некои поради тоа што снабдувачите им ги раскинале договорите. Малите општини или помалите јавни претпријатија се на регулираниот пазар и кај нив состојбата е стабилна – истакна Бислимоски.
Според него, РКЕ донесе одлука со која ги тргна повластените производители од регулираниот пазар и ослободи околу 230 киловатчасови кон слободниот пазар.
Оваа енергија за слободниот пазар е два пати поевтина од онаа на берза – рече Бислимоски.
Тој посочи дека проблемот со кој се соочуваат општините е кај јавните комунални претпријатија кои мора да си ја зголемат ефикасноста.
-Анализите што ги прави РКЕ, без да посочувам во која општина, во едно комунално претпријатие се гледа дека има 550 вработени, а еден кориснички центар на ЕВН на поголема територија работи со 50 луѓе. Јавните комунални претпријатија не се ефикасни и се превработени, најголем број од трошоците одат на плати – посочи Бислимоски.
Во однос на цената на водата, појасни дека РКЕ не ја определува крајната цена на водните услуги, туку опсегот од минимална до максимална цена.
-Советите на општините си ја определуваат цената. Ако не се задоволни од тоа што нивните совети си определиле, можат да влезат во постапка за промена – потенцира Бислимоски.