Можно е враќање на дневната евтина струја, но за тоа ќе треба да почекаме до крајот на грејната сезона, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, коментирајќи ги зголемените муабети дека е можно да се врати евтината дневна струја.
-Да почекаме да видиме како ја завршиме грејната сезона, па понатаму ќе размислуваме за темата. Од октомври до средината на февруари имавме поволни услови, граѓаните заштедија 14 проценти енергија, сите домашни капацитети се во функција и за прв пат над 80 отсто од потребите за енергија ги задоволуваме од домашни капацитети. Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја – објасни Бислимовски.
Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година, кога струјата поскапе за 9,48 отсто. Тогаш од РКЕ соопштија дека ако не се донесела одлука за укинување на дневната евтина тарифа, поскапувањето на струјата ќе беше 14,23 отсто. По четиргодишна пауза, дневната евтина струја беше вратена во 2017 година, а тоа беше едно од предизборните ветувања на СДСМ.