Административците кои користат неплатено отсуство по 3 месеци за да работат во странство, по нивното враќање да се вработат во приватниот сектор каде има недостиг на работна сила. Ова е предлогот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на прашањето на „Телма“ дали трендот вработени од јавната администрација да заминуваат на неплатен одмор за да одат на печалба има загрижувачки размери, пренесува Република.
Фактот дека можат да добијат неплатен одмор значи дека нивните работни места не се потребни. Имам еден друг предизвик. Кога ќе се вратат во септември, истите слободно да ги понудиме на приватниот сектор, ќе дадеме стимулирање и за приватниот сектор за да се вработат еднаш засекогаш таму каде што најмногу се потреби, вели Битиќи.
Тој нагласи дека во приватниот сектор има недостиг од 10 000 работници, а државата, според него, е подготвена да го стимулира процесот на преминување во приватниот сектор со субвенции за придонесите.