-Ја следиме состојбата со пандемијата и со економската криза во текстилниот и кожарскиот сектор и во сите други сектори. Императив ќе ни биде да излеземе од кризата со најмалку можни последици што значи да ги зачуваме сите работни места, но и да работиме да ги вратиме на пазарот на труд и тие кои ќе ги загубат своите работни места. Го спроведуваме петтиот пакет на економски мерки, а веќе излеговме и со шести. Ако е неопходни ќе следи и седми пакет за одредени дејности. Размислуваме, разговараме и гледаме можности дали и каков би требало да биде следниот пакет на поддршка, рече Битиќи во одговор на прашање по увидот на зафатната градба на Хидросистемот Злетовица за водоснабдување на Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопнаство Аријанит Хоџа.

Повтори дека Владата одамна кажала дека во оваа криза ќе го поддржи кој било работодавач или кој било работник.

-Ќе останеме заедно до крај додека излеземе од оваа криза. Тоа значи ако навистина е потребно, а веќе ги согледуваме последните финансиски податоци од април и движењата во различните сектори и дејности, во мај или јуни ќе излеземе со нов пакет, истакна Битиќи.

Во февруари, како што кажа, околу 11.900 компании со 38.000 вработени побарале економска помош, а во март нивниот број се намалил на околу 11.300 компании со 35.000 вработени.

-Се процесуираат последните барање, но сепак бројките укажуваат дека се намалува бројот на компании кои се корисници и бараат поддршка, како и вкупниот број на вработени кои се опфатени со финансиската поддршка на плати. Деновиве ќе направиме и анализа од кои дејности доаѓаат за да знаеме подетално со кои евентуално нови мерки би требало да се поддржат, прецизира Битиќи.