Со законското решение за „недела – неработен ден“ кое е поставено на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), е јасно утврдено кои се исклучоците за кои е дозволено да работат во недела, а по разгледување на сите коментари истото ќе биде предложено во собраниска процедура, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во емисијата „24 отворено“ на Телевизија 24.

Како што објасни, нема да работат трговските објекти насекаде, на угостителските објекти ќе им се дозволи да работат во недела со одреден временски период, ќе им се дозволи според Законот за трговија на одредените дејности во трговија, во трговските центри.

-Да нагласам дека ќе се лимитира времето на работење, само во една смена од 10-18 часот, а притоа ќе плаќаат дополнително давачка за работењето во недела. Таа дополнителна давачка е до 2 отсто од приходот заработен во неделата и таа давачка ќе оди наменски за градење на детски градинки. Дополнително, оние работници кои ќе работат во трговски центри, во недела, ќе добиваат 100 отсто повисока дневница. Направивме еден модел заеднички во економско-социјалниот совет, во којшто дозволивме и да се работи, затоа што мораме да се грижиме за економијата, но исто така работниците да си уживаат одредени права“, рече вицепремиерот Битиќи објаснувајќи го концептот пришто спомена дека во недела ќе биде дозволено да работат трговците поединци, коишто самите го дефинираат работното време и притоа самите ќе ги извршуваат работните обврски.

Вицепремиерот Битиќи, како што соопштијја одд неговиот Кабинет, потенцираше дека во изминатите неколку години трипартитниот дијалог помеѓу синдикатите, организациите на работодавачи и Владата е подигнат на навистина високо ниво, се отвора широка дискусија за секое едно прашање важно за работниците и компаниите и се носат решенија коишо се во интерес на сите засегнати страни. Тој дискутираше за актуелните прашања поврзани со работничките права и работните односи со претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски, претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров и претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески.

-Буквално моментумот дека разговараме за секое едно легитимно право, дали е на работниците или на работодавачите и отвараме било која тема, дали е тоа системски закон за работни односи или е друг закон, сметам дека укажува дека се уште не сме дојдени до таму кај што би сакале сите да бидеме, а тоа е работниците навистина да ги уживаат привилегиите на работничките права, но и работодавачите од друга страна да се чувствуваат лагодно во нивното функционирање затоа што некој не наметнува дополнителни барања. Ние како Влада се обидуваме да направиме некој баланс помеѓу барањата на синдикатите и работодавачите. Морам да признаам дека сме на добар пат, се уште имаме пат да изодиме, рече Битиќи.

Вицепремиерот како еден од примерите за креирање на најсоодветно решение преку дискусија го посочи решението околу „недела – неработен ден“.

-Ние околу Законот за работни односи, за ‘недела – неработен ден’, имавме навистина долга дискусија. Од првиот ден кога ја отворивме дискусијата за недела-неработен ден, кажавме дека тоа ќе биде направено на консултативен начин, помеѓу синдикатите и работодавачите, затоа што не можете да направите една системска промена, којашто бара промена во однесувањето на сите во општеството, а без притоа да ги прашате клучните чинители и затоа ние моравме, и за ова нема да се согласам дека отстапивме, моравме да осигураме дека во недела ќе има нормален животен процес на сите тие коишто нема да работат, а ќе имаат содржина со којашто нема да им се ускрати одредена услуга коишто тие би требало да ја добијат. Заедно со синдикатите и со Организацијата на работодавачи ги дефиниравме исклучоците за компании кои би работеле во недела, рече вицепремиерот Битиќи.