Според неофицијални информации, увозниците на овошје и зеленчук од 2007 година до Царинската управа доставувале лажни фактури за увоз на овошје и зеленчук за да плаќаат помали даноци. Иако веќе неколку дена се започнати истраги на надлежните институции, сè уште нема информации колку и кој сè е замешан во овие злоупотреби. Вицепремиерот Битиќи, без да прецизира зошто точно чекал и дозволувал ова да се случува, рече дека сите ќе одговараат, бидејќи според него, финансискиот криминал не застарува, пренесува Alsat.mk.

Сите инволвирани во процесот на поднесување лажни фактури ќе бидат кривично гонети, уверува Фатмир Битиќи.

Од Пазарниот инспекторат велат дека ги разгледуваат одземените досиеја со Финансиската полиција, УЈП, Царинската управа, но засега се знае дека истрагата се фокусира на два прекршока.

„За три дена проверивме повеќе од 30 увозници и трговци на големо и мало. Утврдено е дека во нивните магацини има залихи на растителни производи. Во некои од нив биле пронајдени и 300 тони грав кои требало да бидат пуштени на продажба. Сите тие ќе се соочат со казни од 800 до 10 илјади евра“, велат од ДПИ.

Со замрзнувањето на цените на дел од овошјето и зеленчукот на површина исплива измамата со лажни фактури на трговците кои увезувале од земјите од регионот. Тие наведувале дека набавуваат по пониски цени со цел да избегнат царини, што покрај кривично дело корупцијата претставува и фискална евазија.